28.8 C
Skopje
Tuesday, July 15, 2025

Има разлика!? НЕМА РАЗЛИКА!

За лицемерието на Никола Груевски можеме да зборуваме до утре и пак нема да ни биде доволно. Точно е. Никола беше во “тендерска коалиција“со ДУИ, која успешно опстојуваше цели единаесет години. Сигурен клуч за успех на оваа коалиција, според тогашната опозиција, беше токму нивното делење на тендери, но и договарањето за лично богатење на поединци од врвот на двете политички партии. И точно е. Веројатно љубовта меѓу нив не беше толку голема, колку што беше голема љубовта кон нивните заеднички богатења на функционери од врвот на тие две политички партии.

Па така, праведниот СДСМ како најголема опозициска партија беше навистина правдољубива партија која се грижеше за секој потрошен денар од “тендерската коалиција“ на Али и Никола. За таа цел, тие постојано го известуваа народот за секој потрошен денар на владата, како и за секој криминал направен од истата. Таков е и примерот со пресот на социјалдемократите од 2010 година кога обвинија за криминален тендер со вишок од 28 милиони евра, во кој бил вмешан токму сегашниот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи.

Па оттука, кратко прашање: Кога Бујар беше посимпатичен? Сега кога шета во улога на Вицепремиер за евроинтеграции или тогаш кога беше криминалец кој мести тендери преку “тендерската коалиција“ на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?

Мене искрено, и тогаш и денес, човекот ми е симпатичен. Има некоја харизма како политичар и е еден од политичарите – албанци, чии ставови секогаш предизвикуваат внимание кога ги искажуваат своите ставови. За разлика од Османи, кој е одмерен политичар, постојат едни други политичари, кои брзо заборавија како го третираа него и неговите сопартијци од ДУИ. Како најголеми криминалци, кои се одржуваат на власт благодарение на една тендерска коалиција со една лажно патриотска македонска политичка партија. Тоа, за жал, се нашите македонци од СДСМ. Не сите, можеби не и самиот премиер за кого уште имам надеж дека можеби ќе направи нешто добро во државата, но тоа сигурно и не се оние кои се околу него, кои во недостаток на капацитет и остварлива програма, како проект ни претставуваат простор за автобуска станица.

И така, грижливата и домаќинска власт на СДСМ која критикуваше за патните трошоци на Бонева, денеска во Парламент има преку “5 Боневи“ кои на сметка на патни трошоци како претставници на обичниот граѓанин во највисокиот законодавен дом, од наши, од народни пари заработиле неверојатни 11 700 евра во рок од само 9 месеци. Тоа се истите оние луѓе, кои некогаш зборуваа за расипничко трошење, за неморално и недомаќинско трошење на парите на граѓаните, додека денес така бесрамно го прават токму она што го правеше властодржецот од претходната власт на Никола Груевски.

ПОЕНТА НА ПОГОРЕ НАПИШАНОТО

Многумина сега би се прашале: Која е поентата на погоре напишаното и што авторот сака да ни објасни!? 

1. Никола (Заев) и Ахмети (СЕ) беше во љубовна тендерска коалиција.
2. Бујар Османи беше криминалец за кого лидерот на СДСМ држеше пресови обелоденувајќи како се богател преку буџетот на сите граѓани на Република Македонија.
Бујар сега е вицепремиер за евроинтеграции во владата на истиот тој лидер, а сегашен премиер!
3. Во 38 т.н бомба на СДСМ, лидерот на СДСМ, сегашен премиер, објави дека Груевски и Ахмети заедно се вмешани во корупција.
Денес, ДУИ е дел од владата на СДСМ, а токму од нејзиното барање – веќе изгласаниот закон за јазици, нивната соработка веројатно уште повеќе ќе се продлабочи и ќе биде столб на оваа владина коалиција.
4. “Додека Силвана Бонева зема илјадници евра за патни трошоци, војниците се уште спијат на кревети и се покриваат со ќебиња од времето на ЈНА. За ова тие ќе го казнат Груевски на изборите“. (ПРЕС НА СДСМ)
Аналогно на ова, додека денешните пратеници на СДСМ земаат по речиси 12 илјади евра на име на патни трошоци за само 9 месеци, студентите во студентските домови спијат во мувла и влага, со прокиснати тавани и нефунционално греење. Со два збора – ХОРОР ПРИКАЗНА!
5. Додека едните ги гласаа Хашките случаи (по наредба на Груевски) другиве гласаат закон за албански јазик (со што станува службен јазик на територијата на РМ) по договор на сегашнава владина коалиција.

Има разлика?! НЕМА РАЗЛИКА!!!

Глумата на боксерот ќе остане само бледа слика во овој општ хаос кој што го создадовте. Тој, и вака и така е “мртов“ политичар. Но, кога веќе толку бевте гласни за демократија, слобода, дебата, дајте не правете се уште поголеми глумци од него! Народот бара леб, народот бара просперитет, народот бара здрава економија, повисоки плати, стипендии, пензии, подобро образование, подобар здравствен систем, намалена корупција, слобода за бизнисмените, за работниците, подобри студентски услови за домување на студентите итн итн…. Народот за тоа бараше промени, драги мои социјалдемократи! Народот не Ве гласаше бидејќи сте многу убави или попаметни од претходниците.

Законот за јазици изгласан на начин на кој што беше изгласан само ја покажува вашата верност кон вашиот коалиционен партнер, чии што барања мораат да бидат исполнети, но начинот на кој што беше изгласан ја покажува и вашата неспособност да дозволите во еден демократски амбиент, преку поширока дебата, преку стручно мислење на експертите, истиот да биде разгледан па дури тогаш да биде ставен на гласање.

За сега е СТАНИ КУРТО ДА СЕДНЕ МУРТО, а понатаму Вие си знаете…

Пишува: Раде Лазаров 

 

поврзани објави

     

Последни објави