fbpx
27.8 C
Skopje

Јанева: Не работам според имиња или функции, туку според докази

АКТУЕЛНО

На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово денеска се одржа првата меѓународна конференција за право и социјални науки на тема „Реформите во правото и анти-коруптивните практики: Предизвици, перспективи и трансфер на искуствата“.

На конференцијата учествуваше и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Одговарајќи на новинарско прашање околу обвинувањата од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски искажани на вчерашната прес-конференција, Јанева посочи дека таа не работи според имиња или функции што некои луѓе ги носат, туку оти работи според докази.

– Би била многу среќна ако тие луѓе се невини и да се повлечат сите тужби против нив. Ако кој било има аргументи дека работам против поединци или слично јавно нека го каже тоа, рече Јанева.

Во однос на случајот „Монструм“ Јанева рече дека бареле од Јавното обвинителство неколку предмети на увид како „Сопот“, „Маѓар Телеком“ и неколку други, но не ги добиле и затоа не го побарале и овој случај.

– За ова треба да имаме соработка и да ги добиеме и другите предмети, односно докуметите за нив по што во рок од осум дена ќе се изјаснеме дали го преземаме предметот или не. Ние сме за професионална соработка со сите институции, рече Јанева.

Околу наводите дека СЈО нема поднесено ниедно обвинение против членови на ДУИ, Јанева изјави дека тие имаат неколку предистражни постапки за членови на оваа партија и оти главна пречка е јазикот бидејќи материјалите што ги имаат најпрвин треба да бидат преслушани од службени преведувачи и преведени, па дури потоа да се достават до обвинителите на СЈО за тие да решат што понатаму. Тоа, како што рече, е главната причина зошто им треба повеќе време во однос на другите предмети.

Таа не сакаше да ги коментира протестите во Скопје пред Основниот суд Скопје 1, бидејќи рече дека луѓето што протестираат не се изјасниле зошто протестираат таму.

Во рамките на денешната конференција на УЈИЕ учествуваше и професорката Беса Арифи. Таа рече дека никој не сака да оди во затвор доброволно, како и тоа дека во Македонија мора да престане практиката функционерите да ја злоупотребуваат функцијата, а при тоа да не сносат никаква одговорност.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -