fbpx
20.8 C
Skopje

Манчевски: Новата Влада досега вработи 96 лица, а претходната само од октомври до мај 7.708

АКТУЕЛНО

Од 1 јуни годинава до денеска од страна на новата Влада вкупно се вработени 96 лица во сите институции. Од нив, 32 се посебни кабинетски советници на министрите, а 26 лица се ангажирани во Владата како советници на премиерот, кабинетски службеници на министрите без ресор и лица за односи со јавност, прецизира министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прес-конференција.

– Согласно законот секој министер има право на по три надворешни посебни кабинетски советници и за сите лица кои се ангажирани се објавен огласи. Не само што врботувањата се според закон, туку сите министри го немаат до крај искористено правото што им следи сопред законот, рече Манчевски и додаде дека е нормално да се ангажираат нови лица за да се спроведе новата програма.

Нагласи дека од 1 јуни годинава до 25 јули преку единиците на локална самоуправа се вработени повеќе од 300 лица.

– Најголем дел од општините се под контрола на најголемата опозициска партија и тоа покажува каква е фамата за нова партизација на администрацијата, рече Манчевски.

Истакна дека претходната влада во периодот од распишувањето на изборите на 17 октомври 2016 година до 31 мај годинава кога се формира новата Влада вкупно ангажирала 7.708 лица иако согласно Изборниот законик и Договорот од Пржино не беа дозволени никакви вработувања и ангажирања на лица.

Само на 17 октомври на денот на распишување на изборите биле ангажирани 4.473 лица, а останатите 3.235 лица во деновите кога не постои никаква законска основа за вакви ангажмани. Од оваа бројка на 17 октомври биле ангажирани 2.313 лица со договор на дело, авторски договори или договори за волонтирање.

Најави детален извештај во кој ќе бидат презентирани податоците и истакна дека е во фаза на изработка функционална анализа, која очекува да биде готова до крајот на годинава, со која ќе се види вкупниот број на ангажирани лица во јавната администрација и ќе се напрви реорганизација. Согласно препораките на премиерот Заев, дел од вработените во јавната администрција ќе се понудат на реалниот сектор согласно нивните потреби.

Податоците, како што кажа, од мај годинава покажуваат дека во јавната администрација се ангажирани 129.000 лица, но бројката не е конечна бидејќи, како што кажа, во неа не се влезени вработените во акционерските друштва коишто се во сопственост на Владата како ЕЛЕМ, МЕПСО…

Најави дека ќе биде решен статусот и на околу 1.600 лица кои седат дома, а земаат плата. – Ќе се изнајде решение и соодветен ангажман за сите. Никој нема да биде избркан од работа поради политичка припадност, посочи Манчевски.

Прашан за која намера во ребалансот на Буџетот е предвидено зголемување на буџетот на МИОА од 311 на 440 милиони денари, Манчевски рече дека вишокот на средства е наменет за укинување на радиодифузната такса и додаде дека технички преку буџетот на МИОА ќе се финансира работењето на МРТ.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -