fbpx
12 C
Skopje

Милошоски: СЈО работи според потребите на СДСМ и стана беспредметна институција

АКТУЕЛНО

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денес на пресконференција истака дека Специјалното јавно обвинителство станало беспредметна институција по спасувањето од судска и кривична одговорност за Зоран Заев кој како што вели Милошоски, е во гуша во документиран и докажан криминал.

Во спротивно, рече тој, Специјалното јавно обвинителство ќе дозволеше процесот да заврши со судската разрешница, и судот да ги разгледува и да ги цени доказите и врз основа на нив да донесе праведна пресуда. А не обвинителството да биде адвокат на обвинетите.

„Затоа СЈО, ако некој до вчера се сомневаше, од денес треба да знае дека веќе нема никаков професионален ниту институционален легитимитет. СЈО остана да биде само политички инструмент и продолжена рака на аболицираниот криминалец Зоран Заев. СЈО цела година од преземањето на случајот „Пуч“ ја лажеше и манипулираше јавноста дека постапува по предметот и дека наводно работи независно и непристрасно. Судењето се одложуваше 10 пати, а госпоѓата Катица Јанева се надмина себеси во измислувањето причини за одложување на рочиштата“, рече Милошоски.

Тој додаде дека СЈО наместо да покаже професионалност, се ставило во одбрана на криминалот преку кој бил нарушен безбедносниот систем.

„Ова злосторничко здружение незаконски следело комуникации и после ги фабрикувало и монтирало материјалите добиени од тоа незаконско прислушкување, само за да му помогне на Заев да сруши една легално избрана власт, и да дојде на власт без поддршка од граѓаните“, истакна Милошоски.

Според него, Катица Јанева ја игнорирала и судската пресуда и признанието на осудениот Ѕвонко Костовски, вработен во УБК кој, како што рече, ја разоткрил шпионската шема на Верушевски и на Заев и кажал на кој начин биле нарачувани прислушуваните материјали, на кој начин биле давани и потоа веројатно монтирани и фабрикувани.

„Целта за формирање на СЈО беше да се расчисти криминалот на Зоран Заев и Зоран Верушевски кои според признанието на вработениот во Управата за безбедност  и контраразузнавање кој доби судска пресуда ја злоупотребиле опремата за незаконско следење на комуникациите, рече Милошоски.

Тој додаде дека оваа одлука на Катица Јанева за аболиција на господинот Заев, престанува и главната причина за постоењето на СЈО. Затоа сметаме дека јавноста треба да биде свесна дека СЈО веќе стана беспредметна институција, рече Милошоски.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -