Денес, вторник, 21 Март е 33. ден од протестите на граѓанската организација „За заедничка Македонија“ која како што вели, бара отфрлање на „Тиранската“ платформа.
Еден од основачите на организацијата, Богдан Илиевски денешниот протестен марш го отвори со зборовите – „Извојувавме голема победа, нема Тиранска Платформа, нема Влада“.
Илиевски порача дека народот е буден и дека му е доста од неизвесност и од комесари кои се кријат од народот на Македонија.
„Сценаријата за уништување на државата се поразени. Заедничка Македонија победува. Народот се одважи. Тука сме речиси повеќе од 200 000 на улиците и продолжуваме да се бориме за нас. Вие народот, Вие сте реалната слика на Република Македонија. Македонскиот народ не го претставуваат одредени политичари кои поради лични интереси се подготвени да направат неверство кон државата. Ние порачуваме: Ние сме господари на нашата судбина. Ние и никој друг.
Јазикот на кој сите се разбираме е македонскиот, нашата полиција која ја поздравуваме е македонската, нашата армија на која им аплаудираме е македонска, нашето знаме е сонцето кое е исто за сите, нашето име кое не го даваме е Република Македонија, една земја, едно небо за сите нас, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци и сите останати. Сите сме заедно во оваа борба, рече Илиевски.
Свое обраќање имаше и Дарко Мијалковски кој постави неколку прашања до еврокомесарот Јоханес Хан, кој денеска одби да има средба со организаторите на „За заедничка Македонија“.
„Господине Хан дали сето она што сакате да ни го наметнете кај нас дома важи и кај вас во ЕУ. Тука сме да ви порачаме дека овој народ нема да ја прифати Тиранската платформа, тоа е исто како да барате од САД да ја прифати нуклеарната програма на Северна Коереа. Господине Хан нема дискриминирани Албанци во Македонија, напротив доколку се прифати платформата Македонскиот народ ќе стане малцинство, нема да ја прифатиме платформата како вие што не ја прифативте нашата средба, потенцираше Мијалковски.