Шок и неверување ја потресоа јавноста откако Интерната комисија на Министерството за здравство утврди дека кај 10 од 19 случаи пациентите биле непотребно оперирани или упатувани на кардиолошки интервенции во државни и приватни болници низ Македонија. Министерот Азир Алиу објави дека истрагата е во почетна фаза и дека следува детално „чешлање“ на медицинските досиеја, со влез во болниците по случаен избор.
Иако веќе е утврдено дека дел од операциите биле неоправдани, надлежните засега одбиваат да ги соопштат имињата на болниците, со образложение дека не било „етички и правно издржано“ во оваа фаза. Во комисијата членуваат лекари од истите клиники што ги правеле интервенциите – практика која дополнително ја крева суспензијата во јавноста.
Министерството најави дека следната фаза е повикување тројца странски експерти и дека по завршувањето на истрагата ќе се одлучи дали ќе биде вклучено и Јавното обвинителство. Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, порача дека ќе следи и контрола на квалитетот на кардиохируршките интервенции во сите јавни и приватни установи.
Овој скандал избувна по обвинувањата на кардиохирургот д-р Сашко Кадев, кој уште во август предупреди дека се вршат непотребни операции во приватното здравство. Министерството потоа побара податоци за сите интервенции од 2022 до 2025 година.
Случајот отвора сериозни прашања: колку пациенти биле подложени на опасни и скапи процедури без причина – и кој ќе одговара за тоа?

