13.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Димовски: Прекин на железничкиот сообраќај ако не се исплатат материјалните трошоци за февруари

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај од попладне во 15 часот повторно ќе биде запрен поради бојкот на машинскиот и извршниот персонал во Железници на РСМ Транспорт доколку не бидат исплатени материјалните трошоци за февруари, најави Тони Димовски, претставник на машинскиот и извршниот персонал и претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија.

Поради неисплатени материјални трошоци машинскиот и извршниот персонал неколку часа ја блокираше работата и минатата недела во петок, но бојкотот беше прекинат по ветувањето што го добиле од раководството за исполнување на поставените барања.

Димовски за МИА изјави дека се уште не им е исплатен и првиот дел од платата за февруари, за што рокот е денеска. Се очекува прашањето за железници на РСМ да биде отворено денеска на седница на Владата, а од исходот, како што вели Димовски, ќе зависи реализацијата на бојкотот.

Тој повтори дека стапуваат во бојкот согласно со одлуката што ја доставија до раководството во ноември лани, а според која, доколку до 10-ти во месецот не им бидат исплатени материјалните трошоци за претходниот месец, ќе ја прекинат работата наредниот ден. Исто така, според одлуката, доколку до 25-ти во тековниот месец не им биде исплатена платата за претходниот месец во целост, наредниот ден ќе стапат во бојкот.

Според Димовски, со бојкотот ќе бидат опфатени патничките возови според планираниот возен ред по 15 часот на релациите Скопје – Табановце и обратно (16.25), Скопје – Гевгелија (16.55) и Скопје – Велес (22.40), како и сообраќањата на планираните три товарни воза.

поврзани објави

Последни објави