Воздушните напади на силите на НАТО над Србија, односно тогаш Сојузна Република Југославија, започнаа на денешен ден пред 18 години, при што за 78 дена од бомбардирањата загинаа помеѓу 1.200 и 1.500 лица, пренесува РТС.
Вкупната материјална штета на Сојузна Република Југославија беше проценета на повеќе од десетина милијарди долари, а воените загуби на НАТО, во човечки и технички персонал никогаш не беа обелоденети.
Одлуката за бомбардирање на тогашната СРЈ беше донесена за првпат без одобрување од Советот за безбедност на ОН. Наредбата на американскиот генерал Весли Кларк, тогашен командант на сојузничките сили, му беше издадена од страна на генералниот секретар на НАТО Хавиер Солана.
Кларк подоцна во книгата „Модерно војување“ напиша дека не само што планирањето на воздушните операции на НАТО против СРЈ било интензивирано кон средината на јули 1998-та, туку дека планот севкупно бил завршен кон крајот на август таа година.
СРЈ беше нападната со објаснување дека е виновна за неуспехот на преговорите во Рамбуе во Париз околу идниот статус на покраината Косово и Метохија.
Бидејќи одлуката за неприфаќање на странски трупи беше потврдена од страна на српското Собрание, која предложи силите на ОН да го надгледуваат мировното решавање на судирите на Косово, НАТО на 24-ти март 1999-та година во 19.45 часот ги започна воздушните удари преку крстосувачки ракети и авијација на повеќе подрачја во Србија и Црна Гора.
Деветнаесет земји на Алијасната започнаа со бомбардирање од бродови во Јадранот и четири воздухопловни бази во Италија. Поддршка им беше дадена и од страна на стратешки бомбардери кои полетаа од базите во западна Европа, а подоцна и од САД. Најпрво беа погодени касарните и единиците на противвоздушната одбрана на војската на СРЈ во Батајница, Младеновац, Приштина и на други места.
Скоро и да нема град во Србија кој за време на 11-те недели од нападите барем неколку пати не се нашол на метата на силите на НАТО. Во бомбардирањето биле уништени и оштетени 25 илјади станбени објекти, онеспособени 470 километри пат и 595 километри пруга. Оштетени беа 14 аеродроми, 19 болници, 20 здравствени домови, 18 детски градинки, 69 училишта, 176 споменици и 44 моста, додека 38 моста целосно разорени.
Ноќта на 23-ти април 1999-та години во два часот и шест минути по полноќ, НАТО во нападот на зградата на националната телевизија усмрти 16 работници на РТС, и тоа беше првиот случај кога една медиумска куќа беше прогласена за легитимна воена цел.
За време на бомбардирањето беа изведени 2.300 воздушни напади над 995 објекти ширум земјата, а 1.150 борбени авиони лансираа приближно 420 илјади проектили, со вкупна маса од 22 илјади тони.
НАТО лансираше 1.300 крстосувачки ракети, испорача 37 илјади „касетни бомби“, од кои загинаа 200 лица, а ранети беа стотици, и употреби забранета муниција со осиромашен ураниум.
Уништена беше третина од електроенергетскиот капацитет на земјата, бомбардирани ба две рафинерии во Панчево и Нови САД, а силите на НАТО употребија и ткн графитни бомби поради онеспособување на електроенергетскиот систем.
По повеќе дипломатски притисоци, бомбардирањето беше сопрено со потпишувањето на военотехничкиот договор во Куманово на 9-ти јуни 1999-та година, а три дена потоа започна повлекувањето на силите на СРЈ од Косово и Метохија.
Бидејќи генералниот секретар на НАТО на 10-ти јуни издаде наредба за прекин на бомбардирањето, последните проектили паднаа на подрачјето на селото Коколеч истиот ден во 13.30 часот.
Советот за безбедност на ОН истиот ден, 10-ти јуни 1999-та, ја усвои Резолуцијата 1244, а на Косово и Метохија беа испратени 37.200 војници на КФОР од 36 земји, со задача да ги чуваат мирот, безбедноста и да ги заштитат повеќето стотици илјади албански бегалци при враќањето кон своите денови, се додека не се дефинира најширокиот степен на автономност на оваа тогашна српска покраина