Македонскиот деец и револуционер Димитар Поп Георгиев Беровски, еден од организаторите на Разловечкото Востание кој по населувањето со своето семејство во Ќустендил бил назначен за окружен полициски службеник, а кој подоцна бил и предводник на чета во Српско – Бугарската војна од 1885 година, за која лично бил награден со бугарскиот орден „За храброст“, денеска e дел од спомен обележјата кои се наоѓаат на плоштадот „Македонија“ во Скопје пред зградата на „Телеком“.
Имено, станува збор за споменик во кој македонскиот деец и револуционер е облечен во бугарска офицерска униформа, карактеристична за времето од 1885 година кога се водела војна помеѓу Србија и Бугарија. Споменикот беше поставен по иницијатива на Министерството за култура, за чија цел беа наменети 173 илјади евра.
Врз основа на сите овие факти, останува дилемата дали истата судбина на плочата од Кајмакчалан треба да ги снајде и останатите македонски револуционери кои се бореле под униформата на бугарската армија во тоа време, ако се земе предвид фактот дека во составот на бугарската војска за време на Првата светска војна се наоѓале над 30. 000 македонци.
Ова не е единствениот попознат деец на македонското револуционерно дело кои во тоа време учевствувале во бугарската армија. Тука се добро познатите, Борис Дрангов и Александар Протоѓеров, како и контроверзниот Тодор Александров, за кого во Македонија се водеше и се уште се води дебата меѓу левичарите и десничарите.
Земајќи ги предвид настаните на Кајмакчалан, останува прашањето дали тие ќе доведат до дополнително влошување на односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, во време кога двете држави работат на нормализација на односите, бидејќи и тоа претставува услов за интергирањето на Република Македонија во евроатланското семејство.