Кандидатот на Српската радикална партија за претседателските избори во Србија, Воислав Шешељ изјави дека ако победи, неговиот ривал Александар Вучиќ ќе биде премиер, пишува весникот „Данас“.
Шешељ ги демантира тврдењата дека е „лажна опозиција“ на неговиот соперник и оти Вучиќ го држи во раце, со тоа што му плаќа да не го напаѓа.
Тој додаде дека го критикува Вучиќ, но и му ги признава добрите страни.
Шешељ го пофали премиерот дека го издржал притисокот и не вовел санкции против Русија и одбил да ги предаде на Меѓународниот суд тројцата радикали обвинети дека заплашувале сведоци во судскиот процесот против него.
Тој го критикува Вучиќ дека учествува во дијалогот со Косово, води политика насочена кон ЕУ и кон воена неутралност и им дава субвенции на странски инвеститори.