Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од почетокот на војната се убиени 31.000 украински војници. Тој додаде дека не сака да го открие бројот на ранетите бидејќи тоа ќе и помогне на руската армија во нејзините понатамошни планови. Украинскиот претседател рече и дека десетици илјади цивили се убиени во окупираните делови на земјата.
Ова е првпат Зеленски да го соопшти конкретниот број на загинати војници. Вообичаено, украинските власти не ги објавуваат овие бројки.
„Во оваа војна загинаа 31.000 украински војници. Не 300.000, не 150.000… Путин лаже… Но, сепак, ова е голема загуба за нас“, рече Зеленски.
Поранешниот украински министер за одбрана Олексеј Резников во јуни 2022 година изјави дека верува оти десетици илјади Украинци биле убиени од почетокот на војната.
Но, два месеци подоцна Валериј Залужни, тогашен шеф на вооружените сили на Украина, изјави дека се убиени 9.000 војници.
На крајот на 2022 година, советникот на Зеленски, Михајло Подољак, изјави дека од почетокот на војната загинале 13.000 украински војници.
Русија не објавува воени загуби, сметајќи ги за тајна.
Го обвини Западот за неуспешната контраофанзива и падот на Авдиjeвка
Зеленски, исто така, рече дека една од причините зошто долгоочекуваната контраофанзива на Украина не започна на почетокот на минатата година е недостатокот на оружје.
Минатата недела беше објавено дека војниците се повлекле од клучниот источен град Авдијевка, најголемата победа на Москва во последните неколку месеци. Зеленски за тој пораз го обвини и Западот, односно немањето оружје.
Да потсетиме, Зеленски пред два дена во интервју за каналот Фокс њуз изјави дека се убиени десетици илјади војници. Тој разговараше со американскиот водител на Fox News, Брет Баер, на една од локациите во близина на линијата на фронтот во Харков.
Одговарајќи на прашањето зошто се разрешени врховниот командант на армијата Валериј Залужни и остатокот од раководството на украинските вооружени сили, Зеленски рече дека станува збор за „ресетирање“, реструктуирање и промена на раководството на воената команда.
„Мораме да бидеме побрзи. Тоа значи да се ослободиме од сета бирократија што ја имаме. Во спротивно немаме шанси“, изјави тој за Фокс њуз.