ВАЊА ЈА СТАВИЛЕ ВО ВРЕЌА СО ПОДОТВОРЕН ПАТЕНТ И ЈА ОДНЕЛЕ ЗА ДА ЈА УБИЈАТ Тројца се обвинети за свирепо двојно убиство
Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежоски.
Тројца од обвинетите се гонат за двојно убиство и за грабнување на Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.
Обвинителниот акт се темели на вербални и на материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал.
Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост.