14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

Стефковски подготвен за предизвикот да го води Град Скопје: На дело ги докажав резултатите!

ПОГЛЕД: Повеќе од две години сте градоначалник на општина Гази Баба, што претставува половина од мандатот. До каде сте со реализацијата на ветената програма со која ја побаравте довербата од граѓаните?

Изборната програма со која ја добив довербата од граѓаните на општина Гази Баба да бидам градоначалник е моја водилка во секојдневната работа. Со моето доаѓање во општината, истата стана програма за работа на општината. Без воопшто да се двоумам, ќе кажам дека сум задоволен од реализацијата на програмата која во овој момент на половина од мандатот изнесува 85%. Но она што е важно и сакам да го нагласам за работата во изминатите две и половина години имаме реализирано 420 проекти од кој помалку од половина се дел од изборната програма, а најголемиот дел од нив произлегуваат од секојдневните барања на граѓаните. Едноставно делата се оние кои зборуваат за нашата работа.

ПОГЛЕД: Кој се топ 5те проекти кои сметате дека сте ги реализирале и се најважни во изминатите две години?

Имам кажано во минатото, но ќе кажам и во оваа прилика дека за мене сите реализирани проекти се подеднакво важни, бидејќи истите произлегуваат од потребите на граѓаните. Но доколку треба да се определам за 5 проекти тука би ги споменал: изградени 32 километари нова мрежа на фекална канализација, решен проблемот со водоснабдување на Брњарци и Раштак со што нема повеќе населени места во Гази Баба без вода за пиење, градиме нова училишна сала во ООУ Наум Охридски во Булачани, изградивме нова училишна сала во ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, градиме нова градинка во Трубарево, изградивме 21 спортски терени со најсовремена тартан подлога, изградивме 50 детски забавно катче, доделивме бесплатна училишна униформа за сите 6800 ученици, отворени сензорни соби во повеќе училишта, асфалтирани локални улици на површина од над 30.000 метри квадратни и многу други проекти.

ПОГЛЕД: Дали имате направено испитување на јавното мислење по однос на тоа дали граѓаните се задоволни од Вашата работа во изминатите две години?

Апосолутно, сето тоа што го работам и го правам е со цел преку реализацијата на проектите да го направиме подобар и поквалитетен животот на граѓаните на општина Гази Баба. Изминатиот период, некаде пред новогодишните празници е направено испитување на јавното мислење и повеќе од 65% од испитаниците имаат одговорено дека се задоволни од мојата работа како градоначалник на општина Гази Баба во изминатите две години што за мене претставува мотив да продолжам со уште повеќе работа.

ПОГЛЕД: Каков е односот помеѓу општина Гази Баба и Градот Скопје, имајќи ги предвид политичките превирања помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ?

Во администрацијата на општина Гази Баба има вработени кои работат во службите повеќе од 20 години и во една прилика, една од вработените ми рече: “Поминале многу градоначалници, често и од различни политички партии во општината и градот но ваква не соработка и не постоење на комуникација не е запаметена никогаш”. Овој мој цитат од една колешка го дава одговорот на вашето прашање.

ПОГЛЕД: А Вашиот личен однос со Арсовска?

Со жалење можам да констатирам дека не постои никаква комуникација иако сметам дека тоа е погрешно, но е одлука на градоначалничката Арсовска, бидејќи знаете тука не се работи за однос помеѓу Данела и Бобан, тука се работи за однос помеѓу две институции. Јас неможам, а да не го споменам фактот дека градот Скопје од нас како општини добива соодветен процент од комуналии и даноци, а тие средства кои од нас ги добива потребно е градот да ги врати назад преку реализација на проекти, што во овој случај не е така.

ПОГЛЕД: Кој се идните проекти кои може да ги очекуваат граѓаните на општина Гази Баба?

Ќе продолжи забрзаниот развој на општина Гази Баба преку реализација на многу нови проекти. Ќе започнеме со изградба на новата училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков во Ченто, а верувам дека во втората половина на годината ќе започнеме со изградба и на нова детска градинка во Инџиково, ќе започне комплетната реконструкција на културниот дом во Ченто, ќе продолжиме со изградба на нови канализациони системи, нови спортски и детски катчиња, ќе асфалтираме голем број на локални улици и многу други проекти.

ПОГЛЕД: Велите ќе продолжи забрзаниот развој на општината, а често во вашите објави го споменувате слоганот “Дела наместо зборови”. Ова е некоја Ваша нова кампања или?

Слоганот “Дела наместо зборови” не е дел од никаква кампања, туку тој ја отсликува моменталната слика во општина Гази Баба, а тоа е дека делата ги заменуваат зборовите. Граѓаните долги години слушале лажни ветувања и истите се дојдени во состојба да се соочуваат со децениски проблеми и токму поради тоа пред себе си поставив за цел дека е потребно да работиме одговорно, чесно и посветено по 12 часа на ден и да им покажеме на граѓаните дека кога се работи и во општина Гази Баба се реализираат проекти.

ПОГЛЕД: Со оглед на вашата напорна работа и вашите успеси,но и вашата огромна победа токму во Гази Баба, каде буквално ги “газите” политичките противници на изборите се поставува прашањето: Дали Бобан Стефковски има амбиции и се гледа како човек кој што може да го предводи и реформира градот Скопје?

Ова е прашање кое често ми го поставуваат новинарите, а се почесто и граѓаните на терен и на социјалните мрежи. Сеуште е рано да се зборува за политичките амбиции за следните локални избори. Имаме уште една цела година и јас едноставно сум посветен на реализација на што повеќе проекти кои ќе го направат подобар животот на граѓаните на општина Гази Баба. За тоа кој ќе биде градоначалник на градот Скопје одлуката ќе се носи врз основа на мислењето на граѓаните, ставот на органите на партијата, а јас верувам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и сегашен премиер Христијан Мицкоски ќе го направи вистинскиот избор за идниот градоначалник на градот Скопје, а јас сите оние кои ме познаваат знаат дека сум подготвен за секаков предизвик бидејќи од работата и обврските не бегам, а тоа на дело го докажав изминатите три години во општина Гази Баба.

поврзани објави

Последни објави