Разговаравме со градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски кој зборуваше за делата кои ги има постигнато тој и неговиот тим во Гази Баба, притоа наведувајќи кои се 5-те проекти кои смета дека се најважни во изминатите две години.
Изборната програма со која ја добив довербата од граѓаните на општина Гази Баба да бидам градоначалник е моја водилка во секојдневната работа. Со моето доаѓање во општината, истата стана програма за работа на општината. Без воопшто да се двоумам, ќе кажам дека сум задоволен од реализацијата на програмата која во овој момент на половина од мандатот изнесува 85%. Но она што е важно и сакам да го нагласам за работата во изминатите две и половина години имаме реализирано 420 проекти од кој помалку од половина се дел од изборната програма, а најголемиот дел од нив произлегуваат од секојдневните барања на граѓаните. Едноставно делата се оние кои зборуваат за нашата работа.
ПОГЛЕД: Кој се топ 5те проекти кои сметате дека сте ги реализирале и се најважни во изминатите две години?
Имам кажано во минатото, но ќе кажам и во оваа прилика дека за мене сите реализирани проекти се подеднакво важни, бидејќи истите произлегуваат од потребите на граѓаните. Но доколку треба да се определам за 5 проекти тука би ги споменал: изградени 32 километари нова мрежа на фекална канализација, решен проблемот со водоснабдување на Брњарци и Раштак со што нема повеќе населени места во Гази Баба без вода за пиење, градиме нова училишна сала во ООУ Наум Охридски во Булачани, изградивме нова училишна сала во ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, градиме нова градинка во Трубарево, изградивме 21 спортски терени со најсовремена тартан подлога, изградивме 50 детски забавно катче, доделивме бесплатна училишна униформа за сите 6800 ученици, отворени сензорни соби во повеќе училишта, асфалтирани локални улици на површина од над 30.000 метри квадратни и многу други проекти.