Министерството за внатрешни работи го разреши началникот на Рeгионалниот центар за гранични работи Север, Наим Рамука поради скандалот со бегството на Блерим Рамадани кој се бараше за воени злосторства и за пропуштањето на свадбарите на Африм Гаши на „Блаце“.
За нов началник е поставена Маја Темелкова-Сотиров, долгогодишна вработена во МВР, а работела и на граничниот премин на скопскиот Аеродром и била главен инспектор за гранични проверки и граничен надзор.
Минатата недела МВР соопшти дека и против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот со свадбарите на Гаши.
Откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин „Долно Блаце“ на лентата за излез број 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓупросторот на граничните премини ѝ се приклучуваат на делегацијата, при поминувањето на границата не била извршена контрола на патниците и возилата“, соопшти МВР.