-1.2 C
Skopje
Sunday, November 10, 2024

Средба Божиновска-Пјат на маргините на Конференцијата за чиста и безбедна енергија во Истанбул

Гасните интерконектори со Грција и Србија како клучни стратешки проекти за обезбедување стабилна енергетска иднина за нашата држава и регионот, беа тема на разговор на денешната средба во Истанбул меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и Џефри Пјат, помошник државен секретар за енергетски ресурси во Стејт Департментот.

На средбата реализирана на маргините на Конференцијата за чиста и безбедна енергија во Истанбул, организирана од американскиот Атлантски совет, беше посочено дека овие проекти се од суштинско значење за диверзификација на изворите на енергија и зголемување на енергетската независност на земјава.

-Гасните конектори со соседите се од огромно значење за нашата енергетска стратегија. Тие не само што ќе ја зголемат нашата сигурност во снабдувањето, туку и ќе ја подобрат нашата конкурентност на пазарот, рече Божиновска.

Се дискутираше и за стратешката соработка со САД во областа на енергетиката, при што министерката ја акцентираше важноста на американската поддршка во развојот на проекти за обновливи извори на енергија и технологија за енергетска ефикасност, но и важноста од споделување искуства со САД во делот на борбата со корупцијата во доменот на енергетиката.

-Нашата соработка со САД е од клучно значење за имплементацијата на иновациите во енергетскиот сектор. Заедно можеме да создадеме одржливи решенија кои ќе придонесат за развојот на регионот, додаде Божиновска.

Министерката Божиновска и помошник државниот секретар Пјат разговараа и за идната соработка и регионалните иницијативи, нагласувајќи ја потребата за продолжување на дијалогот и партнерството меѓу државите во областа на енергетиката.

поврзани објави

Последни објави