Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вели дека сè додека во Европската унија се одлучува едногласно, Македонија мора да ги почитува компромисите и да ги вметне Бугарите во уставот за да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Според Бербок, во овој случај не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ, иако и таа самата вели дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, ја пренесе „Дојче Веле“ Бербок од прес-конференција по средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски по самитот на Берлинскиот процес во Берлин.
Германската министерка му кажа на Муцунски дека вметнувањето на бугарското малцинство во уставот е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.








