1.8 C
Skopje
Saturday, November 2, 2024

СДСМ ДОБИВА НОВО РАКОВОДСТВО ВО НОЕМВРИ Филипче тврди дека партијата е консолидирана

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Телевизија Сител, изјави дека со неговото стапување на функцијата претседател на партијата, СДСМ забележала прекин на падот во рејтингот и дека започнала значајна консолидација.

– Слободно можам да кажам дека веќе на почетокот на мојот мандат како претседател на партија запре падот во рејтингот во партијата и започна консолидација – истакна Филипче.

Тој посочи дека секојдневно остварува бројни средби со членови и симпатизери на партијата низ целата држава, што придонело кон започнување на процесите за избор на ново раководство на СДСМ.

– Ги започнавме веднаш и формалните процеси за да се постави партиското раководство, односно изборните конференции по општинските организации за да се изберат новите делегати на конгресот и новите членови на централниот одбор – додаде Филипче, истакнувајќи дека овие процеси треба да завршат до крајот на неделата.

Еден од најзначајните аспекти, според претседателот Филипче, е давање глас на секој член на партијата.

– Задоволен сум од временската динамика, но и од можноста што ја искористивме да се вклучат што повеќе членови во процесот на градење на политиките. Со тоа им дадовме значење и сила на нивниот глас, бидејќи сметам дека секој глас е важен за да ја зајакнеме партијата – нагласи тој.

Според Филипче, позитивниот фидбек од членството покажува дека партијата се консолидира и повторно се враќа на патот на обединување и стабилизација.

Со новите делегати кои ќе бидат избрани до крајот на неделата, партијата ќе го организира новиот Kонгрес на почетокот на ноември, на кој ќе биде избран новиот Централен одбор, од кој понатаму ќе потекнува целокупното ново раководство на СДСМ.

поврзани објави

Последни објави