ПОЛИТИКА.МК: Г. Коцевски, победата на ВМРО-ДПМНЕ носи и големи очекувања за граѓаните.
Како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој ги претставува граѓаните во Собранието, кое е вашето мислење за досегашната работа на Владата?
Коцевски: Победата на ВМРО-ДПМНЕ беше, е и ќе биде ПОБЕДА и за Македонија. Ние победивме поради довербата од македонскиот народ и за македонската држава. Во периодот на владеење на СДС и ДУИ народот изгуби доверба во државните институции, беа потценети и омаловажени од оние кои ја водеа државата. Наместо прогрес и напредок, добивме недоверба, емпатија, чувство на изневереност и предавство токму од тие кои беа претпоставени да ги заштитат националните интереси на Македонија. Од промената на името со ветување за некаква си европска иднина, преку фудбалчиња во министерствата, скандали во М-НАВ каде што буквално дозволија бандити да влезат во еден од највиталните објекти во државата, преку неразјаснети тендери, врски со обвинители и корумпирано судство, па се до лично богатење на десетина луѓе во државата кои ја приватизираа и ја третираа државата како сопствена фирма. Ова и уште многу други работи беа одлика на владеењето на овие кои што народот ги казни катастрофално на избори, а за кое во иднина веројатно ќе се изнагледаме многу докази, а се поверојатно и ќе видиме одговорност од оние кои правеле ваков зулум на сопствената држава и народ.
После вакви погубни политики јасно е дека народот има големи очекувања, народот сака подобро утре, економска благосостојба и развој на Македонија. Ова и ќе се случува. Полека но сигурно Владата ја враќа Македонија во стабилна состојба, се враќаме од оној минус во кој што не воведоа, а потоа засилено ќе почнеме да ја реформираме државата и да докажеме дека не случајно народот со огромно мнозинство го избра ВМРО-ДПМНЕ да ја води Македонија.
ПОЛИТИКА.МК: Кои се очекувањата од унгарскиот заем? Најголемо внимание предизвика делот кој што е наменет за капитални инвестиции во општините – може ли граѓаните преку ова да очекуваат сериозен иден развој на локалните места низ државата?
КОЦЕВСКИ: Унгарскиот заем е многу јасен. Македонските компании ќе добијат 250 милиони евра негде пред Нова година, а 250 милиони евра ќе добијат општините за проекти за кои што беше распишан и јавен повик. Тоа значи директно вбризгување на пари во нашите компании, за нивен понатамошен развој и стимул за уште поголеми позитивни резултати во државата, како и обезбедување на средства за капитални инвестиции и проекти за локален развој односно економска поддршка на населените места низ државата. Со ова се помагаат и локалните самоуправи, но и бизнис секторот, а директен бенефит од сето тоа ќе имаат граѓаните и Македонија
ПОЛИТИКА.МК: Најчесто поставувано прашање е – на толку зборување за криминал и одговорност, зошто досега нема процесуиран ниту еден случај – ќе ги видиме ли “крупните политички риби” изнесени пред лицето на правдата?
Коцевски: Ова прашање е често поставувано и од граѓаните со кои се среќаваме. Во Македонија цутеше криминал и корупција во владеењето на СДС и ДУИ, а со тоа нормални се и овие очекувања од граѓаните. Сепак, на ова прашање јас секогаш одговорам дека е потребно да покажеме дека ние не сме монструми, како што беа тие, ние не сме одмаздољубиви луѓе, но ние сме луѓе кои ќе го почитуваат и правото на пресумпција на невиност, но и истовремено луѓе кои ќе се борат правдата да ја добиеме преку институционален пат. Тоа значи дека веројатно во наредниот период ќе видиме многу докази за тоа што се правело, но ние нема да осудиме никој пред тоа да се докаже. Ќе дадеме можност конечно овој систем да проработи, а оние кои се огрешиле пред законот ќе одговараат пред институциите. Доста беше од она малтретирање какво што го правеа тие. Можеме и мораме да се однесуваме поинаку. Одговорност ќе има, оние кои правеле криминал местото им е во затвор, но за тоа нема да одлучи ниту еден поединец, туку за ова ќе бидат потребни докази кои по институционален пат ќе бидат прикажани, а оној кој што ќе биде осуден врз основа на истите ќе мора да ги сноси последиците за истото.
ПОЛИТИКА.МК: Како ќе се изборите со корупцијата во судско – обвинителскиот систем во Македонија?
Коцевски: Ова е делумно истото што го кажав од претходниот одговор. Само кај нас овде на Балканот се зборува за поврзување на извршна и судска власт. Време е конечно да се покаже и впери прстот и кон корумпираните судии и обвинители, оние кои се тесно поврзани со оние кои правеле страшен криминал во државата. На крајот од денот, тие сами ќе мора да го изберат начинот. Дали конечно ќе се вразумат и ќе бидат на страната на правдата, нешто за кое што учеле во студентските денови, нешто за кое што треба да работат денес или ќе бидат слуги на неколку луѓе кои на овој или оној начин соработувале со нив. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе биде на браникот и секогаш ќе се бори за правда. Време е во Македонија веќе еднаш да се расчисти со криминалци кои како црева се испреплетени едни меѓу други и во судството и во обвинителството. Народот очекува правда и ПРАВДА ќе има!
ПОЛИТИКА.МК: Во однос на уставните измени, дали доколку ете се изнајде некакво решение со кое што ќе се гарантира дека ова ќе биде последното барање од Бугарија за Македонија да го продолжи патот кон ЕУ, ќе прифатите да се внесе бугарското малцинство во Уставот?
Коцевски: Македонија покажа и докажала дека е мултиетничка земја. Ние навистина како ВМРО-ДПМНЕ немаме проблем против никој народ, а со тоа ниту против бугарскиот. Ако некој најмногу е виновен што бугарските граѓани не се дел од македонскиот Устав се токму бугарските политичари кои не мислат за тоа како да ги имплементираат нивните граѓани како дел од Уставот на Македонија, туку мислат како да добијат некој политички поен врз грбот на нив токму овде во Македонија. Што значи тоа во превод? Ако бугарските политичари сакаа бугари во Устав, тоа е многу лесно. Ние предложивме да се направи договор врз основа на гаранции и со одложено дејство на уставните измени. Се што треба бугарските политичари да направат е да постигнат таков договор со македонската Влада, да се даде една гаранција со посредништво на ЕУ дека ова ќе биде последното барање на Бугарија и дека Македонија во иднина нема да добие нови пречки на нејзиниот пат кон ЕУ. Со ова ќе потонат сите лаги и на СДС и ДУИ, Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ, а Бугарите ќе имаат бугари во Устав. Многу едноставно и многу јасно за оние кои сакаат да го разберат ова таканаречено сложено прашање. За нас до оној момент до кој што нема да добиеме гаранција и уставни измени со одложено дејство, процесот ќе биде многу јасен, а тоа дека нема да има уставни измени и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе опстои на овој став без разлика на тоа што мислат нашите соседи.