20.7 C
Skopje
Thursday, October 24, 2024

Само што излезе, МВР веднаш го уапси: Арачиновецот вратен зад решетки!

Само што го прејде прагот надвор од затворот Идризово со помилувањето од претседателката, МВР го уапси водачот на скопскиот клан Барон, Акиф Равмановски познат како Акиф Јусуфи кој досега издржуваше казна за поседување нелегално оружје. Сега е осомничен за ново дело- за пукањето кое се случи пред десетина дена во скопски Чаир кога едно лице, припадник на кланот Грчец беше тешко рането.

Од јавното обвинителство информираат дека е отворена истрага и за осомничениот ќе бараат да биде определен притвор.

За истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата. “

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите за одлуката на претседателката Сиљановска Давкова да стави потпис на список на кој се наоѓаат осуденици од криминални групи. СДСМ и денеска со критики до неа- велат наместо да ја повлече одлуката, ја префрлала вината на Комисијата за помилување за која таа изјави дека е составена од експерти кои се воделе според кривичните дела, а не според имињата. Од опозициската партија бараат одговори и од министерот за правда Филков.

„Министерот за правда должи одговор пред граѓаните – зошто молчи, додека скандалот се разгорува? Дали тој лично се согласил со ослободувањето на луѓе кои ја загрозуваат безбедноста на Македонија? Бараме од Кабинетот на Претседателката веднаш јавно да го објави мислењето на Министерството за правда, заради транспарентноста која толку многу ја ветуваа. Јавноста има право да знае дали има криминален дил на највисоките нивоа на власта.“

Освен водачот на кланот Барон, меѓу осуденците кои кренаа најмногу прашина во јавноста е и Шенол Маслани, брат на Шенки „Версаче“, кој беше уапсен во 2019та како дел од група која продавала дрога и му се заканувала на полициски службеник.

На списокот помилувани има и други звучни имиња, како поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна со што му остануваат за извршување уште околу три години. Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

Канал 5 побара, но не доби дополнителни одговори од кабинетот на претседателката и од министерството за правда за дилемите околу овој список на помилувани осуденици и дали е можна промена на одлуката.

поврзани објави

Последни објави