Советниците на ВМРО ДПМНЕ при Општина Куманово, побараа од претседателот на Советот на Општината да свика седница на која главна тема ќе биде загадувањето во градот и кои мерки треба да бидат преземени за решавање на овој проблем кој ги мачи граѓаните.
На денешната прес-конференција, претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Куманово и координаторот на советничката група, Драган Петковски, изјави дека состојбата е алармантна за здравјето и животот на граѓаните на Куманово, а од локалната власт до сега нема преземено никакви мерки.
„Деновиве ОК на ВМРО ДПМНЕ алармираше и побара од градоначалникот да преземе конкретни мерки за намалување на огромната концентрација на токсични материи во воздухот. Пред некоја вечер ПМ 10 честичките достигнаа 676 илиграми на метар кубен што претставуваше апсолутен рекорд ако се знае дека за чист воздух се смета 25 милиграми на метар кубен. Сакаме уште еднаш да потсетиме дека СДСМ во изборната кампања пред граѓаните ветуваше мерки со кои ќе ја намали загаденоста. Тогаш зошто во општина со која раководи СДСМ не се преземаат овие мерки? Зошто СДСМ не ја користи можноста на дело и со пример да покаже како функционираат мерките кои ги ветува?“, изјави Петковски.
Тој дададе дека претходно кога станицата за мерење на квалитетот на воздухот не функционирала, граѓаните не биле свесни за оваа алармантна состојба, но сега сите со свои очи можат да го видат тоа и никој нема право на изговор.