-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ЕУ: Значителен напредок за Брегзит, потоа преговори за слободна трговија

ЕУ го објави денеска својот нацрт-план за преговорите на Унијата и Велика Британија за Брегзит, во кој Брисел инсистира на тоа, прво да се постигне „значителен напредок“ во разговорите за британското заминување, па потоа да стартуваат преговорите за договор за слободна трговија.

Во соопштението на Европскиот совет се вели дека земјите- членки на ЕУ се подготвени да се разговара за идните трговски врски со Британија и пред истекот на крајниот рок за преговорите за Брегзит- крајот на март 2019 година.

Во соопштението се вели дека ЕУ се согласува со британската иницијатива за уредување на еден привреме, договор за транзиција, меѓу Брисел и Лондон, додека траат преговорите.

Нацрт-планот на ЕУ за преговорите со Британија, се очекува да биде надограден со амандамни на специјалниот Самит на ЕУ за Брегзит, закажан за 29 април, пред почетокот на преговарачкиот процес, предвиден за средината на мај, но ќе остане основната определба дека не може да има паралелни преговори за раздружувањето и за трговскиот договор.

Во писмото на британскиот премиер Тереза Меј до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со кое и формално беше покренат процесот за излегување на Британија од ЕУ, се сугерира во исто време да се преговара за „цената на разводот“ што Лондон треба да и го плати на Унијата и за новите односи, во врска со царината и слободната трговија.

Таквата британска иницијатива беше веднаш отфрлена од германскиот канцелар Ангела Меркел и од францускиот претседател Франсоа Оланд.

Во публикуваниот нацрт-план за преговорите , Брисел уште инсистира дека претходно мора да се определи и договори износот што треба да го плати Британија, пред да се отворат разговорите за идните трговски односи.

поврзани објави

Последни објави