„Со блокадата на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го загрозуваат здравјето на пациентите. Новата влада ќе обезбеди здравство посветено на луѓето. Нема да се затвораат одделенија и пациенти да чекаат за операција со месеци, затоа што недостасува медицински персонал,“ изјави членот на Комисијата за здравство на СДСМ, Злате Мехмедовиќ на прес-конференција.
Тој посочи дека, таков е случајот во болницата „8 септември“.
„Основните плати на здравствените работници ќе бидат двојно зголемени, а платите на специјалистите во следните три години ќе се зголемат на 100.000 денари. Така ќе ги задржиме лекарите и персоналот во јавното здравство, за да обезбедиме соодветна грижа за граѓаните. Деновиве лично од директорот на болницата „8 септември“ граѓаните слушнаа дека дел од медицинскиот персонал заминал во странство, а дел по приватните клиники“, изјави Мехмедовиќ.
Тој информираше дека освен болницата „8 септември“, половично прима пациенти и хируршката болница „Св.Наум Охридски“.
„Нема ни нов Клинички центар. Од најавата пред пет години, остварен е само спорен тендер од власта во заминување, со технички овластувања. Поради колапсот на здравствениот систем, Македонија е на претпоследно место по здравствени резултати во Европа, според Европскиот здравствен потрошувачки индекс“, додаде Мехмедовиќ.
Според него, новата влада ќе воведе бесплатно болничко лекување за здравствените осигуреници, а „Мој термин“ ќе се замени со систем што ќе гарантира брза, прецизна и пред се квалитетна здравствена заштита на секое ниво.
„Ќе ги намалиме административните обврски на лекарите, за да може целосно да се посветат на своите пациенти. Болниците ќе бидат реконструирани, ќе изградиме нови, а ќе има и нов Клинички центар во Скопје. За сето ова да се реализира, потребно е претседателот Зоран Заев веднаш да го добие мандатот и да ја формира новата Влада, којашто ќе го осигура здравјето на граѓаните и ќе работи исклучиво во граѓански интерес“, изјави Мехмедовиќ.