Големата веројатност дека Вучиќ, меѓу 11 кандидати, ќе го освои потребното мнозинство уште во првиот круг укажуваат и најновите истражувања на агенциите Демостат и ИПСОС Стратеџик маркетинг, објавени во среда вечер, според кои, само големата излезност би можела да доведе до втор круг.
Срѓан Богосављевиќ од ИПСОС вели дека резултатите до кои се дошло врз основа на низа истражувања врз репрезентативен примерок и со таканаречената метода „лице во лице“, покажуваат над 50 отсто поддршка на Вучиќ.
„Најчесто тоа е на 54 до 55 отсто, со статистичка грешка од плус-минус три отсто“, коментира Богосављевиќ.
И истражувањето на агенцијата Демостат покажува дека лидерот на владејачката Српска напредна партија има поддршка од 56,2 отсто од гласачите, а следат четворица кандидати, кои според последните анкети се под 10 отсто.
Уште пред почетокот на кампањата за претседателските избори се покажа дека програмски и стратешки разединетата опозиција нема ниту сила, ниту, пак, политичка волја да понуди заеднички кандидат или барем двајца кои би ја изразувале позицијата на гласачите од граѓанско-либерална и национално-конзервативна ориентација, па на изборното ливче се најдоа вкупно 11 кандидати.
Овогодишните избори се карактеристични и по фактот што со својата кандидатура, актуелниот премиер Александар Вучиќ го испрати во пензија сегашниот шеф на државата Томислав Николиќ.
Незадоволен, но свесен дека остана без поддршка од партијата, Николиќ по истекот на мандатот на 31 мај, најави повлекување во пензија
Но, никакви дилеми за својата кандидатура немаше поранешниот политички ментор на Вучиќ и Николиќ, водачот на радикалите Воислав Шешељ, но анкетите покажуваат дека и покрај убеденоста дека само тој може да го победи Вучиќ во вториот круг, ја преценил својата моќ бидејќи поддршката му варира меѓу пет и осум отсто.
Од десниот политички спектар доаѓаат и лидерот на движењето Двери Бошко Обрадовиќ, како и претседателот на Демократската партија на Србија Александар Поповиќ, но обајцата се под пет отсто.
На другата страна, опозициските партии кои му припаѓаат на центарот и либерално-демократскиот корпус не биле во состојба да понудат еден кандидат, па групата од 100 интелектуалци и јавни личности, собрани во граѓанската иницијатива „За Србија без страв“, побарала кандидатура на народниот правобранител Саша Јанковиќ, а меѓу првите го поддржа Демократската партија.
Анкетите покажуваат дека Јанковиќ е најчесто на второ место со поддршка од околу 12 отсто, па во случај на втор круг, би можел да смета на гласовите на приближно третина од гласачкото тело.
Некогашниот шеф на дипломатијата и претседател на Генералното собрание на ОН Вук Јеремиќ влезе во изборна кампања без поддршка на ниту една партија и тоа со релативно висок почетен рејтинг од околу 12 отсто, но последните анкети покажуваат поддршка од седум до осум отсто.
Лидерот на опозициското движење „Доста беше“ и поранешен министер за економија во владата на Вучиќ, Саша Радуловиќ, се кандидираше без посебни амбиции и убеденост во победата, но пред сè во кампањата да поттикне поголема излезност која би довела до втор круг и можност тогаш да се мобилизираат и таканаречените „заспани“ гласачи, кои ретко гласаат.
Најголемо изненадување и медиумски најатрактивна личност на претседателската кампања е Лука Максимовиќ, познат како Љубиша Прелетачевиќ-Бели, кој на последните локални избори во 2016 година направи вистински метеж во белградската општина Младеновац, освојувајќи дури 20 отсто гласови, што му донесе 13 советници во локалното собрание.
Измислениот лик Бели Прелетачевиќ, во вистинскиот живот студент по комуникологија, секогаш облечен во бело, многу успешно комуницира со младата публика.
Досегашните анкети го сместуваа меѓу второ и трето место со рејтинзи меѓу 10 и 11, па дури и до 14 отсто, но истражувањата во пресрет на почетокот на изборниот молк покажуваат тенденција на пад.
Според мерењата на ИПСОС, Саша Јанковиќ е најчесто втор со околу 12 отсто поддршка, Бели Прелетачевиќ е трет со 10 до 11 отсто, А Вук Јеремиќ може да смета на седум до осум отсто од гласовите. Зад него е Шешељ.
Кампањата за претседателските избори според многу оценки беше исклучително груба и валкана, па Саша Јанковиќ и Вук Јеремиќ за агенцијата AP оценија дека „од гласањето во 1990 година, кога Слободан Милошевиќ дојде на власт, никогаш не била повалкана“