5.8 C
Skopje
Sunday, December 1, 2024

Шилегов: Груевски нема да ја избегне одговорноста за направените криминали и злодела

„Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема да го избегнат соочувањето со одговорноста за направените криминали и злодела со тоа што го одложуваат изборот на новата Влада. Нова реформска Влада ќе има и таа Влада, како што е предвидено во нејзината Програма, ќе спроведе темелни реформи во судството и во обвинителството и ќе обезбеди независен судски систем и правда за сите. Тоа е мнозинската волја на граѓаните и таа ќе се преточи во институциите на системот.

Изборот на новата реформска Влада значи крај за Сваровски судството. Новата власт значи крај за судии избрани од тевтерчиња кои ги штитат криминалите на Никола Груевски раководството на ВМРО-ДПМНЕ и носат нарачани судски пресуди против политички неистомисленици. Груевски и соработниците знаат дека промените носат и крај за балските интервенции кај државниот обвинител Марко Зврлевски, за кумовските врски како онаа на Трајко Вељановски и Јово Вангеловски, за кадровските пајажини во судството што ги прават Груевски и фамилијата и сега на заминување, како што се последните примери на смени во Кривичниот суд.

Новата реформска Влада, веднаш по изборот ќе предложи продолжување на рокот во којшто Специјалното јавно обвинителство може да покренува обвиненија, за расчистување на скандалот со прислушувањето и понатамошна борба против корупција, криминал, злоупотреби на власта.
Веднаш ќе ги донесеме измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара СЈО, за да овозможиме квалитетни истраги и одговорност за сите криминали и злоупотреби.

Новата Влада ќе обезбеди поширока поддршка и мнозинство за воведување на специјализирано одделение во судот, за постапување по предметите што се во надлежност на СЈО.

Ќе има реформи на Судскиот совет, како и измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите. Квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки.

Ќе следуваат и темелни реформи во Јавното обвинителство. Македонија ќе биде правна држава во која законите ќе важат подеднакво за сите! Криминалците ќе одговараат и ќе ги вратат сите украдени пари!

Секој кој е против овие промени треба да знае дека е заштитник и соучесник во криминалите на досегашната власт, или е злоупотребен за тие цели.

Затоа ги повикуваме сите вработени во јавните установи и правосудниот систем да бидат свесни за нивната одговорност и историскиот момент во кој живееме. Секој мора да ја работи својата работа професионално, неселективно и според законите и да не се става во заштита на криминалот и криминалците

Укажуваме дека мнозинската волја на граѓаните ќе се испочитува, ќе се избере претседател на Собранието што ќе отвори пат за брз избор на новата реформска Влада на граѓаните и Македонија ќе биде правна држава“ изјави Петре Шилегов на денешната прес конференција.

поврзани објави

Последни објави