Лидерот на албанската опозиција Лулзим Баша денеска изјави дека опозицијата бара одлагање на парламентарните избори во Албанија кои се закажани за 18 јуни.
„Во земјата нема услови за коректни избори бидејќи криминалната и корумпирана влада на Еди Рама истите ќе ги манипулира“, изјави Баша и додаде дека без да се формира техничка влада, нема да има и избори.
Лидерот на опозиционата Демократска партија најави дека протестите кои во Тирана ги одржува опозицијата во шатори поставени пред Владата ќе продолжат.
Коментирајќи ги барањата на опозицијата, премиерот на владата на левицата Социјалистот Еди Рама рече дека без разлика на барањата на опозицијата, во Албанија ќе има избори на 18 јуни годинава.
Сепак коалициониот партнер во Владата на Рама, претседател на Собранието и лидер на Социјалистичкото Движење за Интеграција Илир Мета, има спротивно мислење од Рама и вели дека во земјата не треба да се одржат избори без опозицијата.