Почитувани сограѓани,
Денеска, по повод 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, организирав прием во чест на нашите сограѓани кои со својата упорност, истрајност и сила се вистинска инспирација за сите нас.
Во рамки на приемот, со претседателката и членови претставници од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост (ЦПЛИП) „Порака“ од Македонска Каменица, имавме можност да размениме мислења, идеи и искуства кои ќе придонесат за унапредување на правата и условите за живот на лицата со посебни потреби во нашата општина.
Македонска Каменица се стреми да биде средина каде секој граѓанин ќе се чувствува прифатено, поддржано и рамноправно. Особено сме горди што Општина Македонска Каменица, покрај изградбата на Дневниот центар како модерен и современ објект, обезбеди и специјализирано превозно средство за потребите на центарот, со што дополнително се подобрува пристапноста и квалитетот на услугите.
Оваа прилика ја користам да истакнам дека Општина Македонска Каменица и понатаму ќе вложува напори во создавање на инклузивна заедница, преку проекти за пристапност, образование, здравствена заштита и вработување на лицата со посебни потреби. Денеска, на лицата со посебни потреби им врачив вредносни ваучери, како дополнителна поддршка од Општина Македонска Каменица за нивните секојдневни потреби и активности.
Благодарност до сите организации, институции и поединци кои со својата работа и поддршка се залагаат за подобрување на квалитетот на живот на овие наши сограѓани. Наша заедничка обврска е да изградиме свет кој ги прифаќа различностите и ја вреднува секоја индивидуалност.
Со почит,
Димчо Атанасовски
Градоначалник на Општина Македонска Каменица