Руските пранкери Вован и Лексус го прогласија поранешниот македонски премиер Зоран Заев за најглупавиот политичар од сите што успеале да ги насамарат. Заев во 2018 и во 2019 година, додека беше премиер, „падна“ на нивните лажни повици и водеше сериозни разговори со нив, мислејќи дека разговара со поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко и со поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со активистката Грета Тунберг.
Пранкерите Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров гостуваа во подкастот на блогерот и дизајнер Артеми Лебедев, кој е достапен на социјалната мрежа ВКонтакте, каде го нарекоа Заев херој на нивните шеги и го прогласија за најглупав од сите.
Вован и Лексус велат дека откако му се јавиле на Заев во име на поранешниот украински претседател Порошенко, снимката од разговорот не ја објавиле цела година потоа. За сето тоа време Заев редовно им испраќал фотографии од средби со други политичари преку Ватсап, но и од контакти на државници од Косово, и мислел дека комуницира со Порошенко. Тие велат дека досега не успеале да лажат некој друг функционер цела година.