Во тек е голема полициска акција во која се апсат лица од поранешното раководство на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и РЕК „Битола“ осомничени за злоупотреба на јавни набавки. Неофицијално, меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ и РЕК Васко Ковачевски, но полицијата не успала да го пронајде дома.
Од МВР соопштија дека во тек е е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека ќе следат детали по завршувањето на акцијата. Од Обвинителството потврдија дека акцијата се спроведува под координација на двајца обвинители на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од ЕСМ велат дека сè што како документација во изминатиот период беше побарано од надлежните институции им е предадено.
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата потврди дека екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски е надвор од државата. Тој додаде дека единствено Ковачевски е недостапен за органите на прогонот, а дека се обезбедени останатите 22 лица осомничени за криминал во врска со работењето на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино.
„Имаме 23, минус еден можеби е избеган, но очекувам да биде обезбеден пред правдата. Не , не е во државата, но очекувам да го обезбедиме“ ,рече Мицкоски.








