Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио на МРТВ на тема „Буџет 2025“ на тема пензии и ПИОМ истакна дека ставот на Владата е дека нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање и дека детектирани се проблемите, Владата дејствува, а новиот буџет има развојна компонента и индикаторите ќе бидат уште подобри.
Суштината е дека ние преку овој двостолбен задолжителен пензиски систем оваа дупка во државниот пензиски столб ќе се проширува уште некое време, отприлика до 2030 година и потоа кога ќе почне подинамична исплата од вториот пензиски столб, тогаш ќе биде поинаку. Ние како Влада имаме и втора опција како што направија Полска, Унгарија, Балтичките земји да го национализираме и се да биде државно. Еден закон се носи, се национализира вториот столб и дупката ќе ја нема, но дали е вистинска мерка има различни мислења. Има мислења дека треба, други викаат не треба, и во состојба во која сме така можеме да кажеме дека дупката ќе се продлабочува, населението старее, придонесите се тие коишто се, пензиите се тие коишто се, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека во врска со темата друго е реформата како ќе се однесува Владата кон социјалните трансфери, дали ќе направи реформа во делот на примателите конкретно на социјална помош кои добиваат по неколку закони, дали ќе има еден катализиран регистар да се знае кои се тие кои се живи приматели, затоа што има приматели кои не се живи или се отселени одамна.
Мора да се направи таа реформа. Има градови каде бројот на приматели на разна социјална помош и слично или се плаќаат придонеси за неосигурани лица е поголем од бројот на жители. Имаме такви наследени парадокси, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека сепак треба да се знае дека оваа Влада не ги остава работите како што биле, туку ги знае проблемите и веќе ги решава.
Нема да очајуваме, ќе работиме, детектиравме, јасно знаеме кои се проблемите, има повикани вработени во центрите за социјални работи кои се повикани на одговорност. Така што мора ова да се катализира, нема да ја оставиме работата каква што била до сега. Дејствуваме и мислам дека скоро од денеска ќе се почувствува, индикаторите се подобри и ќе бидат уште подобри, нагласи премиерот Мицкоски.