3.8 C
Skopje
Sunday, December 15, 2024

Иницијативата за можност за отповикување градоначалник произлегува од потребите на граѓаните

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во поткастот на Плусинфо вели дека предизвиците со измените на Законот за локална самоуправа произлегле од потребите на граѓаните.

Законот за локална самоуправа е системски закон којшто се регулира со двотретинско мнозинство и „бадентер“, и е закон којшто не е отворан повеќе од две децении, што значи дека досега никој не го препознал како потреба дека треба да се моделира. Како системски закон е соодветен и бил резистентен овие две децении. Меѓутоа по дваесет и неколку години, нормално е дека се потребни одредени модификации. Оваа главна иницијација за отповикување на градоначалник се зароди од потребите на граѓаните. Тоа сме го имале во едно старо законско решение, и како предлог на Венецијанската комисија во извештај од 2019 година се наведува дека е добро и демократски, граѓаните да имаат можност како алатка – отповикување на градоначалник. Зашто во моментот сите јавни функционери може да бидат заменети, освен градоначалниците. За тоа да се случи, ние го отворивме Законот за локална самоуправа. Првата иницијална средба на експертската група со пошироката јавност се случи на 10 декември, на Годишната конференција за децентрализација. Влегуваме во оној консултативен процес преку инклузивност. Следната средба ќе ја правиме на 23, овој месец во Битола. Останатите средби ќе бидат после Водици, наредната година, меѓу 19 јануари и 20 февруари. На тие средби ги презентираме детектираните слабости пред градоначалниците и пошироката јавност, за да ги слушнеме нивните мислења, зашто сепак се работи за системски закон. И да не е прифатливо за градоначалниците, битно е да биде прифатливо за граѓаните. Никој не смее да тргнува од позицијата дека е вечен на функцијата. Ние го усовршуваме законско решение, не ограничуваме ничие право, ниту пак правиме некаква злоупотреба во насока на ограничување на надлежности. Идејата е преку иницијатива на граѓани да се соберат одреден број на потписи( тоа ќе го утврди експертскиот тим) и врз нивна основа, на тие потписи, да се иницира референдумско прашање. Како изготвено законско решение, до Собранието ќе го предложиме најдоцна до 30 март, наредната година“, наведува министерот Перински.

поврзани објави

Последни објави