Министерството за надворешни работи и надворешна трговија има сериозни индиции за злоупотреба на јавни средства во случајот со ексминистерот за надворешни работи во Обединетите Нации, Љубомир Фрчкоски, информираше министерот Тимчо Муцунски на прес-конференција.
– Треба да биде јасно дека од тоа што го видов сум многу загрижен. Такво нешто не смее да се повтори. Штетата е во 6 цифри, во евра. Во моментот не можам да дадам повеќе информации бидејќи процедурата тече. Се работи на ревизија и до крајот на годината министерството ќе ги достави своите извештаи до обвинителството – изјави Муцунски.
Министерот рече дека станува збор за „ноторни состојби и факти“, но дека мора да се почека до крајот на истрагата. Тој рече дека другата страна има право на тужба и на вештачење. Министерството го задржува правото да бара надомест на средствата од евентуално направената штета.
На новинарско прашање за тоа дали отповикувањето на Фрчкоски е дефинитивно, министерот одговори потврдно.
– Го повикав Фрчкоски на консултации откако дознавме за случајот, но тој не дојде и самиот даде оставка. Тој не е амбасадор по своја одлука – изјави Муцунски.
Муцунски вели дека случајот со Фрчкоски е различен од случајот на амбасадорот во Романија Андреј Жерновски, кој е во процедура и каде што, според МНР, станува збор за непочитување на процедурите со акредитивните писма. МНР се консултира со претседателот и со институциите во врска со случајот на Жерновски.
Министерот рече дека има и редовни отповикувања на дипломати со истечен мандат. Муцунски нагласува дека почитувањето на процедурите за именување било многупати прекршувано од неговиот претходник од минатата влада.
Овој пат, вели министерот, со новиот предложен закон за надворешни работи, кој треба да се најде во Собранието, освен што подетално ќе се регулираат постапките за именување, исто така ќе се зголемат и критериумите за дипломатски претставник.
– Најеклатантен пример е последното отповикување на генералниот конзул во Њу Џерси каде што лицето било именувано на таа позиција спротивно од одредбите на Законот. Таква пракса не смееме да дозволиме, треба да бидеме репер за почитување на законите – рече министерот.