Управата за јавни приходи (УЈП) изврши контрола на забава организирана во дискотека во Штип, чиј домаќин беше јутјуберот Стефан Лазаров, а како дел од проектот „Giveaway“ учествуваше и Бојан Јовановски – Боки 13, осуден во случајот „Рекет“.
Стефан Лазаров ја потврди контролата и соопшти дека ги откажува наредните планирани настани. Наградите, како што објасни, ќе се доделуваат во иднина од неговото студио „Лазаров Поткаст“.
„Поради новонастанатата ситуација и контролата од УЈП, инспекторите констатираа дека се работи за наградна игра. Затоа наредните настани ги откажувам, но ‘giveawayot’ продолжува и извлекувањата ќе се одвиваат од моето студио“, напиша Лазаров на социјалните мрежи.
На ова претходеше објава од Бојан Јовановски, кој преку социјалните мрежи соопшти дека се повлекува од јавното појавување како дел од забавниот проект „Giveaway“, наведувајќи дека причина е стресот што го доживеал.
Лазаров денеска повторно се огласи преку Инстаграм, изјавувајќи дека се чувствува одлично и заблагодарувајќи се за поддршката од своите следбеници. „Неможе нам нико ништа, јачи смо од судбине“, порача тој.