Предводникот на албанската опозиција, Љуљзим Баша, повторно го обвини премиерот на Албанија, Еди Рама, за организиран криминал.
Тој во својот говор од шаторите поставени пред албанската Влада, каде опозицијата протестира од 18 февруари рече дека Рама се плаши од слободни и фер избори.
„Светот на криминалот е единствена надеж за Еди Рама за да се спаси од судот на изборите. Рама се обидува да ја одбрани државата на криминал што тој ја создаде и со која владее овие четири години“, рече Баша.
Како што јави дописникот на МИА, изјавта на Баша следеше по пораката на Рама дека формирањето техничка влада, што го бара опозицијата, нема да се случи и оти парламентарните избори во земјата ќе се одржат на 18 јуни, дури и ако на нив не учествуваат опозициските партии.
Баша посочи дека Владата на Рама единствено е во слжуба на криминалот, а ни најмалку во служба на граѓаните и нивната благосостојба.
Тој уште еднаш повтори дека услов за решавање на политичката криза во земјата е формирање техничка влада.
„Нашиот услов, за кој нема преговори, е слободни и фер избори, кои не може да бидат организирани од Влада и премиер, кои се поврзани со главата и со нозете на криминалот. На техничката влада ќе и бидат доволни само сто дена за да ги раскине сите врски на земјата со организираниот криминал“, смета лидерот на албанските демократи.