Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека е подготвен да се сретне со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп „во секое време“.
“Не знам кога ќе се видиме. Не сум разговарал со него повеќе од четири години. Подготвен сум, се разбира, во секое време”, изјави Путин на годишната прес-конференција во Москва.
Доналд Трамп во понеделникот изјави дека сака да разговара со Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да се запре „масакот“ во вооружениот конфликт во Украина.
Инаку, Путин денеска го одржа своето големо годишно обраќање пред граѓаните на Русија. Претходно пристигнаа околу два милиони прашања до рускиот лидер.
Меѓу другото, тој денеска изјави дека Русија е подготвена да води преговори со Украина без предуслови, но врз основа на Истанбулските договори и реалноста на теренот.
„Нема ништо во Уставот на Украина што предвидува проширување на овластувањата на претседателот, во услови на војна постои само Рада, а цела низа владини тела формира претседателот“, посочи тој.
Тој нагласи дека Русија ќе разговара со Зеленски доколку излезе на избори и добие легитимитет, а Москва ќе потпише мировни документи само со легитимниот лидер на Украина.