Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА нагласува дека е подготвен во секое време да разговара со кој било политички актер, кој има каква било идеја, која води кон национално помирување за државните стратешки интереси.
Мицкоски нагласува оти е добро што идејата за заедничка стратегија, на која повика тој самиот, а потоа и коалицискиот партнер ЗНАМ преку предложената Платформа, но и лидерот на опозицијата Венко Филипче со предлагање на натпартиска стратегија, е се поприсутна и се втемелува во јавноста.
Со Филипче досега не искомуницирал за оваа тема конкретно, но, како што посочува, имаат чести средби и разменуваат по некоја реченица, како и со останатите политичари во Собранието додека се одржуваат пратеничките прашања.
– Ќе ве потсетам дека во мојот говор уште на 23 октомври – Денот на Внатрешната македонска револуционерна организација повикав на ваков тип на обединување кое што ќе кулминира со заедничка соработка која што би ја имале политичките чинители и Македонската академија на науките и уметностите, да креираме една долгорочна стратегија за неколку децении однапред за да знаеме што треба да направиме и каде треба да се стремиме како држава. Добро е што е ова се’ поприсутно во јавноста, добро е што зафаќа темел, има свој корен и добро е да имаме ваков тип на дебати во коишто ќе имаме национално обединување и јас тоа го поздравувам. Се разбира и секогаш сум подготвен да разговарам со секого којшто има било каква идеја или предлог којшто значи национално помирување, да ги немаме оние дневни ад хоминем политички разлики – нагласува Мицкоски.
За првите месеци од неговото раководење со Владата, вели дека има многу мали ситни успеси, коишто навидум можеби не влегуваат во оптиката на граѓаните, но генерално, како најголемиот успех го истакна стабилизирањето на состојбата и постепеното доближување кон кота нула, која што очекува да се случи напролет околу март/април.
Не би можела Македонија да се развива онака како што ние сакаме ако не ја стабилизиравме состојбата. И тоа по мене беше нешто кое што беше најголем предизвик, бидејќи да не бидам јас субјективен и да давам оценки, судот на јавноста беше таков каков што беше дека буквално седум години уназадувавме, буквално седум години бевме во сигурен, но стабилен слободен пад. На 8 мај на изборите и претседателски и парламентарни гласно зборуваа граѓаните и таа нивна гласност беше резултат на тие погрешни политики коишто беа водени. Така што, тоа беше еден од клучните предизвици. Не сакам тука да споменувам дека владината сметка, тој 24 јуни пред нешто повеќе од шест месеци беше околу 12 милијарди денари во минус за да денеска сме неколку милијади денари во плус што значи тој долг сме го вратиле, работиме на создавање на нова вредност. Потоа, предизвик беше ребалансот, НАТО самитот во Вашингтон, борбата што ја водевме надвор од земјава, борбата што ја водевме во Берлин, Брисел, Вашингтон, Лондон. Секаде буквално каде што одевме да ги вратиме позициите оние коишто претходно беа распродадени или загубени. Борбата дома? Борбата дома беше многу динамична во делот на обезбедување ликвидност во буџетот, средства во економијата да можеме да ги зголемиме пензиите, да можеме да сметаме на зголемување на платите на здравствените работници, на образовните работници, субвенциите коишто доцнеа за пензионерите. За првпат е исплатен К-15 на повеќе од 83 илјади административци итн – посочува Мицкоски.
Тој односите во владината коалиција ги оценува како исклучително квалитетни, на едно високо ниво, а сите недоразбирања, како што истакнува, ги надминуваат со разговор. Вели довербата се гради и тој процес продолжува и во моментов е исклучително задоволен од членовите на Владата и не размислува за каква било кадровска промена.
За тезите на ДУИ дека со укинувањето на балансерот и ставањето на Законот за употреба на јазиците дневен ред на седница на Уставниот суд, се поткопуваат темелите на мултиетничката држава, но и Рамковниот договор, премиерот вели дека за жал партијата која што се претставувала дека е зелена, либерална партија повторно се обидува преку етнички тензии и поларизација да го привлече вниманието во јавноста.
– Она што многу повеќе ме загрижува што никако да се завртат кон самите себе и да сфатат каде грешат, бидејќи на дневна основа ги губат своите позиции и оние мали коишто ги имаа кај нашите стратешки партнери затоа што ова што претставува нивна реторика, нивна порака во јавноста дополнително ги оддалечува од демократските процеси и ги става во друштво на радикални елементи, опасни за безбедноста во регионот. А тоа не е така едноставно. Ако некој мисли дека вака со гол популизам и дневна реторика на поделби и тоа создавање на етнички тензии, а притоа мотивот е да бидат во оптиката на јавноста за да може да заштитат некои процеси коишто се случувале во минатото за коишто постои основано сомневање дека тие процеси се полни со криминал и корупција, тогаш тоа е навистина проблематично бидејќи не можат никого да убедат во тоа што го зборуваат бидејќи тоа не го чувствуваат македонските граѓани, туку знаат дека оваа група за да го сокрие она кое што е поврзано со основани сомневања за сторен криминал и корупција во минатото користи и злоупотребува ваков тип на теми и затоа нема гласност – вели Мицкоски.
За поддршката која ја добија од ДУИ за законите за двотретинско мнозинство, кое е потребно и понатаму за некои клучни реформи, Мицкоски нагласува дека поддршката ја очекувал од сите партии, особено кога се гласала организацијата на државната управа. Вели секаде за вакви промени не се бара двотретинско мнозинство, таквата реогранизација е пракса во почетокот на мандатот на една влада, посебно на влада која што добила силен легитимитет на избори. Но кај нас, вели, таков е Уставот, а дел од опозициските партии не дале поддршка за, како што нагласува, потоа преку дневна политика да бараат алиби за своите неуспешни политички потези во минатото и да речат еве и овие се исти како нас, прашање на време е кога ќе бидат во коалиција со ДУИ.
– И еве, поминуваат недели, месеци, години ќе поминат ќе сфатат дека тоа кај нас не функционира – вели Мицкоски.
За можна коалиција со една реформирана ДУИ за претстојните локални избори нагласува дека не може да се исклучи коалиција со ниту една политичка партија, но потенцира дека во моментов имаат стабилна владина коалиција и искрен однос меѓу владините партнери.
За тоа дали има комуникација со лидерот на ДУИ Али Ахмети и во светло на последните случувања со бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен во случајот со Државна лотарија, вели има комуникација како и со сите други во рамки на Парламентот и неговите редовни присуства на седниците за пратенички прашања, но, како што нагласува, посуштинска средба немале.
За споредбите меѓу бегствата на Груби и тоа на Груевски и колку системот потфрла кога ќе се соочи со високо профилирани личности осомничени за корупција, вели во право е јавноста кога бара сличност помеѓу двете лица во делот на отчетност пред правдата, но и на чекорите што потоа ги гледаме. Проблемот, вели, не е целосно во системот, туку и во човечкиот фактор затоа што се уште имаме партизирани институции.
– Тука не би можел да кажам дека е целосно системски проблемот. Тука повеќе ставам влијание на човечки фактор заедно со проблемите во системот и ова нема да бидат последни случаи. Ќе има во иднина уште вакви случаи. Ако некој мисли дека ова ќе бидат последни нема да бидат за жал поради партизираните институции коишто се дел од системот. И поради би рекол должноста на поединци кон некои политички моќници коишто се заслужни зошто тие поединци се наоѓаат во овој систем па тие во знак на благодарност се трудат да им бидат лојални до самиот крај. Но, тој живот е скап живот. Тој живот е неизвесен и тоа е живот којшто јас не би го посакал никому да сте бегалец од правдата таму некаде далеку надвор од семејството, надвор од дневните рутини и слично, да не можете да дојдете – нагласува Мицкоски.
Конкретно во случајот со Груби нагласува дека повеќе го загрижува тоа што, како што првично излезе во јавноста, Ахмети знаел каде се наоѓа Груби.
– Во еден систем којшто функционира, а се надевам дека нашиот се уште функционира, посебно судско обвинителскиот систем и покрај би рекол најниската оценка од страна на граѓаните, логично е тоа лице кое што знае, има податоци или информации каде се наоѓа бегалецот од правда, да го повикаат, да поразговараат со него и да ги даде тие информации бидејќи Артан Груби е бегалец од правдата. Ако Али Ахмети има информации треба од Обвинителството да го повикаат да допре тој глас до нив и да го повикаат на информативен разговор и да слушнат од него каде се наоѓа – посочи Мицкоски.
За повеќето полициско обвинителски акции во сферите на високата корупција, криминал, теорористичката ќелија и за тоа дали очекува брз и ефикасен епилог или повторување на минатото и развлекување на случаите, премиерот нагласува дека сето она кое што зависи од Владата и од институциите коишто се под надлежност на Владата како извршна власт, ќе ги завршат беспрекорно, а потоа на потег се правосудните органи.
– Факт е дека уставно загарантирана норма е пресумпцијата на невиност, но исто така овие работи треба да функционираат по еден нормален тек, а тоа е институциите и органите на прогонот да спроведат истрага, да обезбедат докази итн., а судовите да судат понатаму доколку констатираат дека тие докази се доволни за отпочнување на процес. Така што, дали ќе бидат развлекувани, дали ќе дојде правдата како што сите ја очекуваме тоа не зависи од извршната власт и од Владата. Наше е да ги обезбедиме сите неопходни докази како институции и да ги доставиме до обвинителството и судството. Понатаму, судската власт е таа која што треба да го води процесот и да го заврши – порачува премиерот.
За реформите на правосудниот систем, кој има ниско ниво на доверба кај граѓаните и за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Мицкоски вели дека овој Судски совет ваков каков што е, можеби има легалитет, но не и легитимитет кај граѓаните.
– Тој можеби има легалитет, но нема легитимитет бидејќи кредибилитетот им е уништен, довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат. Но, тоа не значи дека сега едни луѓе коишто ја довеле ситуацијата и состојбата ваква каква што е да ги замениме со други коишто тоа ќе го продолжат. Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо. Истото и за нас ќе се случи еден ден, ќе заминеме и ние, ќе дојдат некои други итн. Затоа што, кога ќе дојдат тие смени, а кога ќе дојдат како резултат на смената во Парламентот во кое што мнозинство е оваа Влада и ако нема некакви позитивни промени тогаш ние ќе бидеме виновни и сите ќе речат – еве, исти се, а тоа не е наша цел. Ние не сакаме тоа да го правиме – порачува Мицкоски.
За постојаните обвинувања дека секоја власт се обидува да го партизира судството и дали целосен ветинг можеби е најдоброто решение по примерот на Албанија, Мицкоски вели дека тој смета дека тоа не е начинот и дека имаме одлични закони, но потребно е само да се ослободат обвинителите и судовите од партиските стеги.