Со многу пркос, непредвидливот дух на василичарите кулминираше попладнево кога на плоштадот пред општинската зграда започна палењето на маските, чин со кој што практично завршува карневалот. Изгореа маските кои ја отсликаа македонската реалност. Огнот ја стопи топката на Артан Груби кој се појави и заигра фудбал со поранешни министри Бесими и Шаќири, изгоре и куферот од Државната лотарија, го зафати и бугарскиот администратор, а го снема и црвеното ферари на екс директорот на УБК Сашо Мијалков. Ова беа највпечатливите маски кои продефелираа на на годинешната отворена сцена. Палењето на маските е ритуал кој се применува последните 3 децении,појаснуваат хроничарите.
„На 14-ти јануари некаде претпладне се поминуваат сите куќи каде што домаќинот го носи името Василиј.Горномалските и долномалските друштва поминуваат по некој свој редослед и сето завршува со традиционално василичарско оро на сред село и еден наметна ритуал палење на маските.Тоа ние како василичари не го викаме палење на маските, туку ослободување од тој товар што се носи два дена и некој во годините зел кибрит и ги запалил”-вели хроничарот Сашо Бетоски
„Тоа е понов обичај кој е прифатен и се практикува веќе одредено време.Палењето на маските симболизира победа над злото и новата година започнува со добрина и со убава мисла,бериќет и здравје” -вели Александра Велкоска. туризмолог
Дел од впечатливите карневалски маски се изложени во конаците на Горна и долна маала, некои од нив се стари и по 20 години. Инаку, најстарата карневалска традиција кај нас е карактеристична по уникатните маските кои се држат во тајност и непредвидливиот креативен дух на василичарите. Откако постои Вевчани, од тогаш постои и карневалот. Се маскираат 40 проценти од населението, а карневалот трае цели 48 часа. Со топла ракија и греано вино, лесно се издржува, велат вевчанци. Славејќи го големиот Свети Василиј се масикираат и вевчаниците кои се далеку од своите огништа, со цел да се зачува традицијата и да се овековечат спомените низ фотографии.
Извор: Алфа