Меѓу поранешните американски претседатели, лидерите на технолошки гиганти и дел од светските лидери, македонскиот премиер Христијан Мицкоски е единствен лидер од Балканот кој ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува во анализата РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА. Македонската влада очекува од новата американска администрација да отворат прашања “од сериозен економски, политички и безбедносен карактер.“
„Вашингтон со поинаква оптика да гледа кон Балканот“, е идејата со која македонскиот премиер Христијан Мицкоски замина во Соединетите држави каде што присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Мицкоски ова го кажа во во последното интервју за новинската агенција Миа. Тој посочи дека има организирани неколку средби со водечки луѓе во новата администрацијаа во Вашингтон, но не соопшти детали. Претходно министерот за транспорт Александар Николовски соопшти дека македонскиот премиер е единствениот од регионот кој добил покана да присуствува на инаугурацијата.
Ни владината служба не одговори на прашањата на РСЕ за повеќе детали за агендата на премиерот во Вашингтон.
„Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател“, се вели во кусото владино соопштение.
Мицкоски е предвидено да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, потоа со Девин Нунес кој е номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group”, и Каш Пател предложен за директор на ФБИ, како и со сенатори и конгресмени, пишува Дојче Веле повикувајќи се на владини извори.
Лутник и Нунес минатата година во јули беа во посета на Скопје. Според владиното соопштение на средбата се разговарало за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе земјава.
Мицкоски, Меџити, Гаши и Таравари во Вашингтон
Владината делегација која ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде сочинета од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Дополнително во посебна режија „карти“ за Вашингтон набавиле и собранискиот спикер Африм Гаши и неговиот коалициски партнер, министерот за здравство Арбен Таравари.
„Учеството на лидерите на Влен на овој голем настан, е доказ за силните врски што лидерите на Влен, како претставници на Албанците во Владата на Македонија, ги изградија со новата американска влада“, се вели во партиското соопштение.
За албанската опозицијата проблемот лежи во нетранспарентноста на Владата, околу потрошените пари за ова патување.
„Кој ги плати билетите за присуство на овој настан? Овој натпревар меѓу претставниците на Владата и институциите да патуваат во САД и да демонстрираат „западен имиџ“, додека Македонија останува блокирана во интеграциските процеси, е неприфатливо лицемерие“, се вели во соопштението од опозициската Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и ја повикаа Антикорупциската комисија да ги провери трошоците.
Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“. Според досега објавените информации, Мицкоски на 19 јануари се сретна со бизнисменот со македонско потекло Крис Павловски, веднаш откако слетал во Вашингтон.
Оптимистични или реални очекувања ?
Македонската влада има историска позиција во однос на новата американска администрација, тврдеше министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски неколку дена пред да замине за Вашингтон. Според него целта на посетата ќе биде да се афирмираат македонските позиции, да се потврди континуитетот што државата го очекува од американската надворешна политика и да се отворат прашањата “од сериозен економски, политички и безбедносен карактер.“
„Сметам со новата администрација, посебно земајќи ја во предвид дека премиерот Мицкоски има лична близина со министерот за трговија, господинот Лутник, тој беше и присутен во нашата земја пред неколку месеци. Што значи дека тука конкретно можеме едно позитивно поместување да направиме“, изјави Муцунски во интервју за ТВ Телма.
Поранешниот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, кој беше и вицепремиер за евроинтеграции, смета дека промените во Белата куќа по изборот на 47-миот американски претседател првично ќе значат адаптирање на приоритетите на американската надворешна политика на глобалната сцена, пред сè, кога се во прашање релациите на САД со Европа, Русија, Кина, Блискиот Исток, како и Латинска Америка.