По последното рочиште за судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, каде провообвинет е Љупчо Палевски Палчо, обвинителката изјави дека некој му дава информации, односно ги имал на увид исказите кои би требало да ги има само обвинителството.
Токму затоа Министерството за внатрешни работи ќе истражува кој му дава информации на Палевски, а во меѓувреме иако тој добива информации Скопското обвинителство тврди дека засега кај нив нема докази за „кртови“.
– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди отвори предмет и се постапува по него – велат од МВР за „Слободен печат“.
Палчо пред Судот се брани со податоци што му ги доставиле од МВР, а преку неговите „настапи“ во Суд јавноста дознава детали и за исказите на другите обвинети – Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски. Изјавите ги дале во Обвинителството, поточно пред обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Тој завчера побара изземање на скопското обвинителство од предметот и ја обвини обвинителката дека направила кривично дело во истрагата, со тоа што не утврдила дали другите обвинети поседуваат оружје, а пронајдената чаура од местото каде што е убиен Жежовски не ја завела во списокот на докази.
На пет члена на „Десна“, сите сведоци, јавната обвинителка им постави прашања дали виделе пиштол во мојата канцеларија, а во девет искази на ниту еден од обвинетите не им поставила ниту една прашање дали поседуваат оружје – рече Палевски.Завчера, по рочиштето се отвори и прашањето дали Палевски има „кртови“ во Обвинителството откако обвинителката беше зачудена што Палевски ги има записниците од исказите на обвинетите.
– Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи што се само за Обвинителството, а не се доставени ниту на увид ниту одбраната има примерок, па многу е чудно како дошол до нив и ги презентира во јавноста – изјави Крстевска Јосифовска.
Прашана дали ќе се испитува кој од Обвинителство му ги дал овие списи, таа рече дека не може да се произнесат додека не преземат конкретни дејства за конкретно лице.
Еден ден по изјавата на обвинителката, сега од Обвинителството тврдат дека кај нив нема „крт“ и дека записниците им биле споделени на обвинетите, што е спротивно на завчерашната изјава на обвинителката дека не биле доставени ни на увид.
Адвокатот на Палевски, Марјан Витановски, тврди дека дури ни тој не знае дека Палевски имал доказ за дозволата на Видевски.