По добиените информации за можни неправилности во одредени синџири на маркети, премиерот Христијан Мицкоски најави засилени контроли и итна реакција на надлежните институции. Тој истакна дека е неопходно темелно да се провери однесувањето на трговците и да се спречат евентуални злоупотреби, бидејќи според податоците, секој синџир на маркети има околу 20 илјади коминтенти.
„Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка“, порача Мицкоски во својата објава на Фејсбук.
На денешната средба со премиерот присуствуваа претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата Малинка Силјановска Николиќ, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и неговиот заменик Марјан Ристески, како и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски.
По состанокот, премиерот информираше дека се договорени конкретни чекори кои ќе бидат спроведени веднаш, а проверките следат по вчерашната прес-конференција, каде новинарите посочија два синџири на маркети за потенцијално кршење на законските процедури.
Контролите нема да бидат ограничени само на маркетите – Мицкоски најави дека слични инспекции ќе се спроведат и во други стопански субјекти, со цел заштита на граѓаните и обезбедување на фер пазарни услови.