-1.2 C
Skopje
Wednesday, February 19, 2025

Политички тензии во Делчево: Размена на обвинувања меѓу Трајковски и Гоцевски

Политичката сцена во Делчево е разгорена откако претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, остро го нападна актуелниот градоначалник Горан Трајковски, обвинувајќи го за неисплаќање на платите на пожарникарите и неодговорно трошење на општинските средства. Оваа преписка, која доби јавен карактер, покренува прашања за тоа кој ќе се кандидира за градоначалничката функција во следниот изборен циклус.

Гоцевски го обвини Трајковски дека се занимава со туристички прошетки низ европските центри, додека општината страда од финансиски проблеми. Тој го повика градоначалникот да престане со „замајување на јавноста“ и да ги потпише налозите за исплата на обврските кон пожарникарите.

„Додека набројуваш дека си набавил расходувана опрема од странски држави, одвои барем 15 минути од твоето време што го трошиш на шетање, за да ги потпишеш налозитe за исплата на утужените обврски на пожарникарите за кои сакаш да кажуваш дека се херои,“ изјави Гоцевски, додавајќи дека општинските средства се трошат на непродуктивни расходи наместо на законски предвидените примања на пожарникарите.

Трајковски се брани со вложувања во противпожарната служба

Градоначалникот Трајковски, од своја страна, ги отфрли обвинувањата и истакна дека токму неговата администрација вложила најмногу во подобрување на условите за противпожарната единица во Делчево. Меѓутоа, сè уште нема одговорено на прашањето за дефектот на центрифугалната пумпа на новото противпожарно возило, кое наводно било набавено за 4.000 евра поскапо од истоветно возило во општина Штип.

Дополнително, Гоцевски го обвини Трајковски за лоша подготвеност на противпожарната единица за справување со последиците од катастрофалните поплави во 2022 година, кои силно го погодија Делчево.

Гоце Делчев во центарот на дебатата

Интересно е што во меѓусебните напади, двајцата политичари го споменуваат и Гоце Делчев, нагласувајќи дека не треба да се користи во политички цели. Овој дел од расправата укажува на чувствителноста на историските теми во локалната политика и обидите за привлекување поддршка преку повикување на национални симболи.

Кој ќе ја води битката за градоначалник?

Клучното прашање што произлегува од овие јавни преписки е дали изборната битка во Делчево ќе се сведе на дуел помеѓу Трајковски и Гоцевски, или, пак, ќе се појават и други кандидати. Интересно е што во својата прес-конференција, Трајковски изјави: „Вие што ќе се кандидирате за градоначалничката функција“, со што не се вклучи себеси во таа група, оставајќи простор за шпекулации за неговите идни планови.

Потенцијални кандидати од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, покрај претседателот Иван Гоцевски, во јавноста се споменуваат и други можни кандидати. Еден од нив е ветеринарниот доктор Николчо Стојменовски, како и поранешниот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Христов. Не се исклучува можноста и жена да влезе во трката, со оглед на тоа што во партијата има респектирани жени-професионалци, како што се докторките Билјана Георгиевска и Андријана Илиевска Велковски.

Од друга страна, во СДСМ се споменуваат неколку можни имиња, доколку Трајковски не одлучи да се кандидира за трет мандат. Еден од најспоменуваните е банкарскиот службеник Дејан Ѓорѓиевски, како и актуелниот претседател на Советот, Гоце Попов.

Со оглед на моменталната политичка состојба на централно ниво, каде што ВМРО-ДПМНЕ има апсолутна власт, како и доминацијата на оваа партија во поголемиот дел од локалната самоуправа, прашање е дали во СДСМ ќе се најде кандидат кој ќе сака да влезе во неизвесна трка. Останува да се види дали Трајковски, и покрај своите неодамнешни изјави, ќе се реши да се бори за трет мандат, и дали ќе ја добие поддршката од своите сопартијци.

Во наредниот период, политичките случувања во Делчево ќе бидат под будното око на јавноста, додека граѓаните со нетрпение очекуваат конкретни програми и решенија за локалните проблеми, наместо само политички пресметки.

поврзани објави

Последни објави