14.8 C
Skopje
Tuesday, March 4, 2025

Образованието како темел на иднината: Резултати и перспективи на ОУ „Никола Карев“ Кочани

Автор: Александар Андов

Во срцето на секое општество лежи образованието, а во срцето на образованието лежат училиштата – местата каде што децата ја градат својата иднина. Во Основното училиште „Никола Карев“ Кочани сме целосно посветени на подобрување на условите за учење и развој, верувајќи дека вложувањето во образованието е најважната инвестиција што можеме да ја направиме. Со огромна посветеност, напорна работа и поддршка од локалната заедница, во изминатиот период реализиравме низа проекти и активности кои значително го унапредија квалитетот на образованието и животната средина во нашето училиште.

Градежни активности и реконструкции: Подобрени услови за учење

Во изминатиот период, реализиравме значајни проекти за подобрување на училишната инфраструктура. Училишната зграда доби целосно ново внатрешно осветлување, модернизирани наставнички канцеларии, реновирани простории за техничкиот персонал, како и обновена училишна библиотека збогатена со современа медијатека. Дополнително, го зголемивме капацитетот за продолжен престој, создавајќи нови простори за учениците и наставниците.

Голем исчекор направивме и во подобрувањето на енергетската ефикасност, преку поставување на фотоволтаични панели на училишниот покрив, како и преку модернизација на информатичката инфраструктура со целосно нови компјутери во кабинетот по Информатика. Сите училници се опремени со интерактивни табли и телевизори, а поставивме и нова разгласна станица, овозможувајќи подобра комуникација и квалитетно изведување на наставата.

Училишниот двор: Простор за дружење, спорт и рекреација

Нашата визија за современо училиште не завршува во училниците. Сакаме нашите ученици да имаат инспиративно и безбедно место за рекреација. Затоа, значително го подобривме училиштниот двор, поставивме ново осветлување, нова ограда и создадовме зони за одмор и игра. Благодарение на соработката со локални организации, изградивме ново детско игралиште, два спортски терени и мини трибина. Дополнително, поставени се мурали кои го слават спортот и уметноста, како потсетник на вредностите што ги негуваме.

Подрачни училишта: Образование за сите

Се погриживме и за подрачните училишта во селата Тркање и Грдовци, каде што обезбедивме климатизација, нови табли, нови ПВЦ врати, како и комплетно реновирани подови. Учениците добија репарирани компјутери, а наставниот процес беше збогатен со бесплатен курс по англиски јазик. Отворени се и две мини-спортски сали, со што им се овозможи на децата во овие места да имаат еднаков пристап до спорт и рекреација.

Наставни и воннаставни активности: Создавање на заедница

Веруваме дека училиштето не е само место за учење, туку и за градење на личноста. Ги поттикнуваме нашите ученици да учествуваат во ученичкиот парламент, медиумскиот клуб „Каревци“, како и во хуманитарни и еко-акции. Нашите ученици активно се вклучуваат во новогодишни и велигденски базари, учествуваат во проекти за деца со посебни потреби и организираат настани како што е „Различноста е наша сила“.

Особено сме горди на нашето учество во Еразмус+ проектот, како и на успешната реализација на часови по роботика. Нашите ученици имаат можност да се изразат преку уметност и спорт, а доказ за тоа е спортско-музичкиот настан што го организиравме со нашиот поранешен ученик, репрезентативецот Јован Манев.

Грижа за учениците и наставниот кадар

Училиштето се грижи за секој ученик. Воведовме платено осигурување за сите ученици, обезбедуваме униформи за првоодделенците, а наставниот кадар добива униформи во чест на Денот на учителот. Посебно сме горди на тоа што го создадовме еден топол и пријателски амбиент каде што секое дете се чувствува безбедно и поддржано.

Соработки и партнерства: Заедно сме посилни

Нашиот успех не би бил можен без соработката со разни институции и организации. Потпишавме меморандуми за соработка со Ротари клуб „Виница-Кочани“, Планинарскиот спортски клуб „Осогово“, Еко тим Исток и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Овие партнерства ни овозможуваат да реализираме проекти што значително го подобруваат образовниот процес и животот на учениците.

Во ОУ „Никола Карев“ Кочани не престануваме да се стремиме кон подобро. Секој проект, секоја активност и секоја инвестиција се насочени кон една цел – да создадеме средина во која нашите ученици ќе се чувствуваат инспирирани, мотивирани и подготвени за иднината. Образованието е светлината што го води општеството напред, а ние сме горди што сме дел од тој процес. Со заеднички напори, продолжуваме да ја градиме иднината на нашите деца и нашата заедница.

Голема благодарност упатувам до сите вработени во училиштето за нивната посветеност и труд во создавањето подобри услови за учениците. Посебна почит и благодарност до наставниот кадар, кој секојдневно со посветеност и љубов ја извршува својата благородна задача – да ги едуцира и инспирира идните генерации.

поврзани објави

Последни објави