Владата денеска на седница ќе го разгледа предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Од владината прес-служба информираа дека на седницата ќе биде разгледано мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, истото ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
„Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем“, информираа од прес службата на владата.
Министерството за правда верува дека Коцевски треба да биде разрешен заради како што наведуваат, низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно порачува дека Коцевски треба да биде разрешен бидејќи, како што велат, тој е дел од политичката архитектура на СДСМ и ДУИ во судството, но и незаконски поставува и разрешува кадри. Опозициската СДСМ е против неговото разрешување, сугерирајќи дека тоа би било партизација во обвинителството.