Уапсено е лицето кое издало и потпишало проект дека дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во пожар на 16 март загинаа 59 лица, ги исполнува сите потребни услови за да добие лиценца за работа, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Лицето се терети за Тешки дела против општата сигурност во врска со предизвукување општа опасност.
„Последното задржано лице се терети за Тешки дела против општата сигурност, а истиот е потписник на основен проект за издавање лиценца за кабаре клуб односно на еден од документите потребни за ставање во функција на едно кабаре. Незаконито, паушално, без утврдување на фактичка состојба биле изготвувани круцијални документи кои биле предуслов во понатамошната постапка за ставање во функција на предметното кабаре. Во дел на таа документација која е потпишана од уапсеното лице постои тврдење дека станува збор за објект кој ги исполнува сите услови по закон за да биде кабаре, а сите знаете дека не исполнува ниту 20 отсто, а камоли сите“, рече Тошковски на денешната прес-конференција.
ДИСКОТЕКА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВО ЗОНА НА ДОМУВАЊЕ, АМА ПОСТАПКИТЕ ЗА ЛИЦЕНЦА СЕ ОЛЕСНЕТИ И ОСТАВЕНИ НА СОВЕСТ НА ГАЗДИТЕ
Во моментов, како што кажа министерот, одреден е 48-часовен притвор за 14 лица и тоа на 11 за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, а на три лица за несовесно работење.
Министерот кажа дека се идентификувани сите 59 загинати, повредени се вкупно 196 лица од кои 20 се деца, а 80-мина се транспортирани на лекување во странство.
Тошковски кажа дека денеска се разрешени началници од Штип и Кочани за да се обезбеди независна истрага и на нивно место ќе бидат донесени началници од Скопје.
„Разрешувањето не е поради вина туку за да може процесот да се одвива без влијанија, за да немаат пристрасност и лични контакти со самата средина. Во овој момент, не можам да прејудицарам нивна вина според сегашните докази. Тоа не значи дека ако во иднина има било какви докази нема да бидат преземени мерки. Одделот за внатрешна контрола во МВР врши темелна истрага за овој настан“, додаде Тошковски.