Кога веќе зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба за сите случаи кои беа во минатото набрзина завршени или да се изразам народски „заташкани“ да ги разгледаме повторно, да видиме како е стигнато до таа правда за којашто досега се произнел само примарниот, односно Основниот суд, односно во прв степен. Ова го изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за случаите Модуларна, Беса Транс и Ласкарци.
Според премиерот Мицкоски ако вистински сакаме ресет тогаш треба да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и во случаите Ласкарци, Беса транс, Модуларна болница.
Да видиме како е постапувано, како е направен тендерот, зошто е направен, кој бил надзор, зошто е пуштено во употреба, зошто немал употребна дозвола тој објект, има многу прашања кои треба да бидат одговорени ако сакаме отчестност затоа што тие случаи завршија со нула приведени, додека случајот во Кочани има 34 и огромен дел порашени и сегашни официјални лица повикани од страна на обвинителството преку МВР на информативен разговор, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека имаше идеја во рамките на Собранието да има анкетна комисија за случајот Кочани, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи да се прошири за овие три случаи и да се отворат сите аргументи и сиот сомнеж да биде презентиран.