12.8 C
Skopje
Wednesday, April 16, 2025

Марија Митева во „Само вистина“: Ќе изградиме ѕид меѓу политиката и судството – мора да има одговорност за трагедиите

Портпаролката на Владата на Македонија, Марија Митева, гостувајќи во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, истакна сериозни ставови во однос на реформите во правосудниот систем, политичкиот дијалог и неодамнешните трагични настани кои ја потресоа јавноста.

Митева потенцираше дека владеењето на претходната влада, предводена од СДСМ и ДУИ, оставило политика и правосудство да се „залепат“ едно до друго, создавајќи систем во кој независноста на судството е нарушена. Таа нагласи:

„Нашата обврска е да изградиме ѕид кој ќе ги раздели политиката и судството. Политиката ќе ги тргне рацете од судството. Политичка волја за вистинска реформа има – тоа е целта на Владата.“

Во однос на обидите за реформа, Митева посочи дека видела отпор од одредени структури кои, според неа, се спротивставувале на иницијативата на Владата да побара одговорност од именуваните функционери во судството. Таа нагласи дека вистинската реформа е повеќе од потребна и дека токму тука започнува градењето правна држава.

Портпаролката се осврна и на можната лидерска средба, појаснувајќи дека Владата останува отворена за дијалог со сите политички субјекти. Според неа:

„Имаше конкретно барање од опозициска партија, на кое ние прифативме како одговорна Влада.“

Во врска со неодамнешната трагедија, Митева беше децидна – мора да има одговорност. Таа подвлече дека не смее сè да се почнува одново без да се разгледаат и расчистат досегашните случаи:

„Не може само да кажеме дека од сега започнуваме да правиме држава. Процесот потфрлил и многу претходно, се сеќава народот на „кабелот е крив“ и на многу други слични состојби. Мора да ги отвориме сите процеси, мора таму да почнеме. Не може да кажеме – тоа што било досега не важи. Што ќе се прави со правдата на овие луѓе? Ќе изостане?“

поврзани објави

Последни објави