Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави серија протести и масовна поддршка за ексминистерот за економија, Крешник Бектеши, доколку биде обвинет за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 млади лица, а околу 200 беа повредени. Во интервју за „Слободен печат“, Ахмети изјави дека ќе излезе на улица и нема да се врати додека не се испровоцираат предвремени парламентарни избори, како дел од протестите за неселективна правда.
Ахмети истакна дека поддршката за Бектеши ќе биде голема и дека ќе организира редовни протести, на кои ќе присуствуваат над 10.000 членови на ДУИ и поддржувачи. Тој нагласи дека не само што ќе се бори за правдата за Бектеши, туку и за правдата за загинатите и повредените во трагедијата во Кочани.
„Ќе протестираме за Крешник. Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Ќе ги поддржиме и барањата и протестите на семејствата на загинатите деца во Кочани. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори“, изјави Ахмети, додека заедно со оваа поддршка ја бара и реформа на политичкиот систем преку ветинг на сите политичари, судии, јавни обвинители и функционери од 1991 година до денес.