“Криминалот нема иднина, Македонија повеќе не е вашиот дом”: Јанев со жестока порака до криминалците!

180

Почитуван,

Претседател на Владата на РМ професор д-р Христијан Мицковски,

Почитуван Министер Тошковски,

Почитувани членови на Владата, Директори, ценети гости, припадници на македонската полиција, почитувани колеги, драги пријатели

Со посебна чест и силна лична емоција стојам пред вас на 7 Мај – денот кога го славиме достоинството, пожртвуваноста и мисијата на македонската полиција. Овој ден не е само симбол. Тој е аманет на нашите предци. Тој е потсетник дека службата што ја вршиме не е само обична професија – туку тоа е заклетвата што ја дадовме, тоа е повикот. Повикот да се биде тука за другиот, да се биде чувар на безбедноста, на редот, на довербата помеѓу граѓаните и државата.

На 7 мај, Денот на полицијата, треба да се присетиме на нашите корени и на нашите предци кои со храброст и визија учествуваа на Смилевскиот конгрес во 1903 година – симболот на организираната борба за слобода и правда. Нивната саможртва, идеалот за незавнисна и слободна татковина е темелот врз кој денес ја градиме современата полиција, посветена на безбедноста, правичноста и заштитата на сите граѓани.
Историјата на македонската полиција е историја на отпор, посветеност и жртва.
Тие први полицајци тогаш припадници на народната милиција, не во луксуз и удобност, туку со скромност и со срце поголемо од секое оружје, го поставија камен-темелникот, кој во континуитет го надгради народно ослободителната војна на она што денес го нарекуваме современа македонска полиција.
Токму нивниот пример нè обврзува – и како институција, и како луѓе.

Мојот сопствен пат во оваа служба не почна од кабинет, ниту во удобна канцеларија туку како млад кадет, на терен, каде што се учи честа, каде се калат вредностите. Полициската професија ме научи колку е тоа благородна работа, што значи да се биде полицаец, тивкиот херој – онаа личност која секогаш стои меѓу опасноста и граѓанинот, често незабележан, но секогаш присутен во најтешките мигови.

И денес, кога ја носам одговорноста како директор на Бирото за јавна безбедност, ги носам истите вредности – чесност, лојалност, правда. Тогаш, како и денес, верувам во идеалите и вредносниот систем на полициската професија – верувам во идејата дека полицијата е чуварот на државата, и дека униформата и значката што ја носиме е симбол на гордост, чест и одговорност, а не на моќ.

Во изминатите 10 тина месеци докажавме дека институцијата може да биде и праведна, и силна. Го засиливме оперативното работење, го зголемивме нашето присуство, воведовме нови оперативни модели на работа, ја започнавме новата ера преку дигиталната трансформација. Оваа трансформација не е само технолошка – таа е и човечка.
Дигитализацијата не е прашање на луксуз или избор – таа е потреба на современото време. Таа претставува трансформациски процес што овозможува прецизна евалуација на ефикасноста, целосна видливост на секој чекор и споредливост на резултатите. Со тоа, ефикасноста и отчетноста не се повеќе идеал – туку се очекуван, мерлив и незаменлив стандард на полициската работа.
Ни требаат нови вештини, но и институционална меморија и трајни вредности. Затоа инвестираме во обуки, во стандарди, во поддршка и тимска работа.

Ја зајакнуваме соработката, подаваме цврста рака на локалните заедници, неуморно работиме да ја вратиме довербата кај граѓаните, соработуваме со сите оние што секојдневно живеат со последиците и недоумиците дали безбедносниот систем функционира – или не.

Цврсто ја позициониравме македонската полиција на меѓународната мапа, ја издигнавме во искрен, рамноправен и силен партнер на агенциите за спроведување на законот од регионот, Европа и Светот, преку заедничко и координирано работење допринесуваме за регионалната и глобалната безбедност.

А најзначајно од сè, ја почнавме најрешителната борба против криминалот и корупцијата. Без калкулации. Без алиби. Без “наш” и “ваш”.
Разбиени се криминални банди, нарко мрежи, терористички ќелии, расчистени се децениски нерасчистените убиства, откриени се злосторства поврзани со изнуди, нелегална трговија со луѓе, нелегални игри на среќа, злоупотреби во институции, фалсификувања на пари.

Ја браниме Македонија одвнатре.

И затоа праќаме една силна порака до нечесните:
“Криминалот не е исплатлив, Криминалот нема иднина. Македонија повеќе не е вашиот дом”.
Ова е држава во која владее законот, а не во која царуваат вашите валкани зделки.

Драги полициски службеници:
Немојте никогаш да ги заборавите принципите на кои се темели полицискиот професионализам, секогаш постапувајте по највисоките етички стандарди, чесно и достоинствено.

Би сакал најдоблесно да им се обратам и на сите раководни лица во Бирото за јавна безбедност, оние на кои ние како раководство им дадовме шанса и поддршка:
Функцијата не е трофеј. Таа е одговорност. Не заборавајте дека никој не е вечен. Во едно современо општество, владее правото – не поединецот.
Ако заборавите зошто сте таму – ќе ве потсетиме.
Ако мислите дека функцијата ви е штит, ќе ви докажеме дека не е.
Ние не сме тука за да владееме.
Ние сме тука за да служиме – со чест, со работа, со интегритет.
Никој не е над законот – па ниту некој од нас.

Се поклонувам пред нашите паднати колеги. Нивната жртва е наша совест. Наша обврска. Да не заборавиме дека зад секоја значка стои човек, а зад секој човек – семејство, вредности и љубов кон татковината. Тие не загинаа за ние денес да молчиме. Туку да говориме. Да се бориме.

Ние сме чуварите и заштитниците. Ние стоиме на линијата помеѓу редот и хаосот. Ние сме тие што остануваат кога другите се повлекуваат.

Денес во сите Вас чесните, ја гледам силата и надежта. Гледам генерации кои ќе ја трансформираат безбедноста не со зборови, туку со дела.

Затоа, продолжуваме – похрабро, посилно, поблиску до секого.
Македонија заслужува безбедност, заслужува полиција која ќе воспоставува Ред, ќе работи по Закон и со Интегритет. Заедно да работиме на јавната безбедност.
Граѓаните заслужуваат правда и сигурност. А полицијата заслужува чест.

Во мое име и во име на Бирото за јавна безбедност – честит 7 Мај, Денот на македонската полиција.
За минатото, за сегашноста и за нашата иднина што заедно ја градиме.
Господ да Ве чува сите, да ја чуваме заедно нашата Македонија.

Да живее полицијата!
Да живее Македонија!