Арбен Таравари нема да биде дел од Владата, но во извршната власт ќе може да останат членовите на Алијанса за Албанците кои не се согласуваат со него, изјави денеска во Тетово Биљал Касами на новинарско прашање што се договориле како коалиција Вреди со премиерот Христијан Мицкоски.
Според Касами, за да се направат промени во Владата ќе треба повеќе време, иако вчера рече дека следните денови ќе има и конкретни чекори во тој правец.
Ако се договориме дека ќе има реформирање на владата, ќе треба да видиме кои ќе треба да излезе и кој ќе треба да влезе, затоа што гледаме дека и во ваква ситуација има некои чинители во Владата кои се дел од партијата на Арбен Таравари кои не се согласуваат со него – рече Касами.
Градоначaланикот на Тетово и еден од лидерите на Вреди, смета дека треба да се прави јасна разлика меѓу Арбен Таравари, кој е носител на комуникацијата со Али Ахмети и Алијанса на Албанците. Тој потсетува на коалицискиот став дека Алијансата на Албанците е важен фактор на коалицијата Вреди и нивната желба и понатаму е да биде дел од коалицијата.
– Секој кој е дел од Алијанса на Албанците и кој сака да продолжи да бидат дел од Владата, ние сме отворени да продолжиме да соработуваме со нив. Значи, во моментот ние цениме дека главен проблем е директната соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети. Таа одлука е веќе донесена, дека во случајот, Арбен Таравари не може да биде дел од Владата. Секој друг член на Алијанса на Албанците кој не се согласува со оваа соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети е добредојден да продолжи да биде дел од Владата. Затоа треба да се се расчистат овие ситуации, кој е за и кој е против соработката со ДУИ – истакна Касами.
Според него, кога ќе се расчистат дилемите со АА ќе има и промени во нивните досегашните функционерски позиции во Владата и другите тела на извршната власт