Поделени реакции на социјалните мрежи по пресудата за 21-годишниот Васил Јованов, кој смртно ја прегази две години повозрасната од него Фросина Кулакова, на пешачкиот премин кај Универзална сала. За дел од граѓаните пресудата од 12 години е срамна, за други пак е превисока.
„Мислам дека некои прегазени жртви не добиле ваква правда, туку поминале со две-три години“. „ Според мене пресудата е во ред. Јас верувам дека не сакал да го стори тоа, ама ете алкохолот си го направил своето. И животот на ова дете е уништен, 12 години не е малку. Две семејства се затворени и два млади живота се завршени“. „Родителите нема веќе да ја видат Фросина, а нејзиниот убиец ќе го ослободите за 12 години? Срамота“, се дел од коментарите на граѓаните.
Правната фела вклучувајќи го и обвинителот што го застапуваше обвинението против Јованов за сторената сообраќајка, сметаат дека ова е највисока пресуда за тоа кривично дело во историјата на македонското правосудство. Земајќи ги предвид пресудите за сообраќајки со жртви, затворските казни се движат во просек од една до три. Во судската пракса досега отстапуваше таа против 22-годишниот Никола Стефановски, кој доби 7,5 години за смртта на 17-годишната Јелена Филиповиќ од Куманово.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека пред да се суди за висината на казната треба да се погледне европската судска пракса за казнување во сообраќајки со смртни последници.
„Без отежнителни околности (чиста небрежност): Најчесто се изрекуваат казни од 1 до 3 години затвор, со можност за условна казна – особено ако станува збор за прв прекршок. Со отежнителни околности (на пример: возење во алкохолизирана состојба, преголема брзина, претходни прекршоци): Казните се движат од 4 до 10 години затвор, и речиси секогаш е задолжително издржување на казната. Во случаи на фатално бегство од местото на несреќа или возење под дејство со смртни последици: Во строги земји членки како Италија, Франција и Германија, веќе станува стандард казна од 7 до 12 години“, пишува Јошевска-Анастасовска.
Висината на затворската казна и нејзиното неприфаќање од страна на семејството на младата жртва придонесе да се организираат нови протести под слоганот „правда за Фросина“. Дополнителен револт кај семејството Кулакови предизвика одлуката на Врховниот суд со која се укинува пресудата на Апелацискиот суд од Скопје за делото трговија со дрога за Васил Јованов. Одлуката била донесена непосредно пред пресудата за сообраќајката. За семејството тоа е правен инженеринг, со длабоко навлезен криминал.
-Се разбира и сега и Врховниот суд го вклучија во сценариото како да му се намали на минимум казната на убиецот Васо. Oва е тешко, најтешко растурен правосуден систем и затоа протестираме и ќе бараме одговорност и од сите кои се дел од оваа нова судска афера само да се намали казната за убиецот Васо. Заради се и заради убиството на детето ангел Фросинче, напиша на социјалните мрежи таткото Тодор Кулаков.
Врховниот суд ја вратил пресудата за трговија со дрога на повторно одлучување во скопска апелација, бидејќи одлучувале без присуство на обвинетиот и неговиот адвокат и со тоа направиле повреда на кривичната постапка и постапиле спротивно на европската пракса.
„Според Европскиот суд за човекови права, кога апелациониот суд е повикан да испита дали казната на апликантот треба да се зголеми и кога жалбената постапка може да покрене прашања, вклучително и прашања како личноста и карактерот на апликантот, што ја прави таквата постапка од клучна важност за апликантот бидејќи исходот може да биде од голема штета за него, второстепениот суд не може правилно да го испита случајот без директно да го сослуша жалителот и да стекне личен впечаток за него“, стои во образложението на одлуката на Врховниот суд.
Во одмерување на казната за смртта на Фросина, Кривичниот суд, пресудата за дрога беше земена предвид како отежителна околност. Одбраната на Јованов најави дека 12 годишната казна ќе ја обжали во втор степен. Обвинителството не прецизираше дали ќе се жали на пресудата за сообраќајната несреќа од 29 јануари годинава во која загина младата Фросина Кулакова.